Европски блуз ќе понуди годинашниот „Блуз и соул фестивал“ (Blues&Soul Festival) кој по 21-ви пат го организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС). Во три фестивалски вечери со почеток во 21 часот, на 22-ри, 23-ти и 24 септември во ноќниот клуб Станица 26, ќе настапат четири бендови од Македонија, Шведска, Грција и Унгарија.
Фестивалот в петок ќе го отвори македонскиот блуз-бенд познат по клупски настапи „In the Mood“, а специјално за овој настан ќе биде во проширен состав со девет членови. По нив ќе гостува шведскиот блуз состав „Трикбег“ (Trickbag) кој постои 20 години и на албумите има голем број гости.
Втората фестивалска вечер, 23 септември, е резервирана за грчкиот „Трипл фрет бенд“ (Triple Fret Band). Грчката вечер ќе биде во три дела со пет музичари. Фестивалот в недела, 24 септември, ќе заврши со унгарскиот блуз-мајстор на усна хармоника и пејач на блуз Матјаш Прибојски и неговиот четиричлен бенд (Matyas Pribojszki Band). Еден од неговите 11 снимени албуми има награда „Златен албум“.
Програмата за годинашното фестивалско издание на прес-конференција ја соопшти селекторот Иво Солдатовиќ посочувајќи дека фокусот годинава е европскиот блуз кој, рече, еднакво е квалитетен како и блузот во Америка од каде што и потекнува оваа музика и култура.
– Најдраго ми е што имаме македонски бенд, „In the Mood“, во проширен состав со аранжмани кои ги направи Владимир Николов. Ќе се трудиме и во наредната година да имаме македонска вечер. Идејата ми е застапеноста на македонската музика секоја година да се зголемува и овој фестивал да им даде шанса на неслушнати музичари. Имаме врвни таленти и тие тоа го заслужуваат, рече Солдатовиќ, кој во „In The Mood“ ќе свири на кларинет.
Директорот на ДКУС Никола Глигоров истакна дека по 21 година „Блуз и соул фестивалот“ заслужено го има епитетот за еден од ретките и најстари од ваков тип во Југоисточна Европа. Соопшти дека фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерството за култура, а годинава соработувале и со амбасадите на Шведска и Унгарија.
Претставникот од Унгарската амбасада Ѓула Шомоѓи дополни дека културните настани се и најплодни зашто обединуваат повеќе луѓе и нагласи дека соработката со Дирекцијата е континуирана и за фестивалот „Скопско лето“, како и за одржаните јубилејни концерти за Бела Барток и Золтан Кодај.
Влезниците за „Блуз и соул фестивал“ се по цена од 300 денари за првата вечер и 200 денари за втората и третата вечер и може да се купат во Југотон Рекордс и на благајната на Станица 26.