Националната установа „Народен театар“ – Битола денеска одбележува 77 години од формирањето. На 14 ноември 1944 година, со изведба на едночинката на Владо Малески – „Петтоимениот Ѓоре“, почнува репертоарот на театарски претстави на македонски јазик и овој датум се смета за ден на основање на Народниот театар – Битола.
Првите членови, основачи на Битолскиот театар се Јорго Цаца, раководител на групата, Вера Вучкова, Димче и Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Во периодот од 1944 до 1980 година претставите се играат во првата театарска зграда во Битола, изградена во 1908-09 година по наредба на битолскиот валија Абдул Керим-паша, а од 1980 година со уривањето на стариот и изградба на нов современ објект, битолскиот театар претставите ги изведува во свои простории – Домот на културата во овој град.
– За нас оставаме да зборуваат наградите, публиката, успехот, а тие едногласно кажуваат дека Битолскиот театар повторно го врати приматот на најдобар театар во нашата држава, а и надвор од неа, во регионот. Нашиот театар станува бренд кој со гордост ги негува македонскиот јазик и култура, достојно и гордо ги претставува насекаде во светот. Годинава роденденот го прославивме со претставата „Сомнително лице” која синоќа се одигра на големата сцена „Благој Стефановски – Баге“, соопштија од Народниот театар – Битола.
Во рамки на одбележувањето на годишнината, во фоајето на театарот се изложени фотографии од претстави кои ги изработија Петар Ставрев и Сашо Ставрев.
Фото: „Кинокултура“