Кога кларинетот и канонот се носечки инструменти во група составена од врвни музичари, на чиј репертоар се композиции со етно-поп-џез стил, тогаш, задоволството за публиката е гарантирано.
Така беше и синоќа во античкиот локалитет Хераклеа, каде концерт одржа виртуозот на кларинет, светски познатиот и признат Исмаил Лумановски, заедно со членовите на неговата група „Њујорк џипси ол старс“. На концертот беа изведени композиции од двата албуми на групата, како и нови преработки со мотиви од Балканскиот традиционален мелос, а Лумановски ја покажа својата виртуозност во секоја музичка област. Членовите на групата, исто така врвни изведувачи, со целата енергија го дадоа најдоброто од себе и приредија вистинско музичко задоволство.
Бројната битолска публика во локалитетот Хераклеа со бурен аплауз и бис изведби го награди Лумановски, кој пак заблагодарувајќи и се на публиката уште еднаш истакна дека му се исполнил животниот сон да музицира во објект полн со историја и енергија. Концертот на Исмаил Лумановски се одржа во рамките на битолското културно лето БИТ ФЕСТ, со финансиска поддршка на Општина Битола.
Вечерва на БИТ ФЕСТ:
19:00 Промоција на книга „Вермахтот и Македонија“
НУ ЗМГ, мала сала
Настанот „Слики, графики и скулптури „Мал формат““ е одложен за 24 август.