Автентична театарска магија на „Охридско лето“ донесе Словенечкото народно гледалиште „Драма“

Од:

Словенечкото народно гледалиште „Драма“ од Марибор синоќа ја отвори драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ носејќи ја претставата „Самрак на боговите“ во режија на еден од најпродуктивните хрватски режисери Далибор Матаниќ.

„Самрак на боговите“ обработува исклучително тешка тема, фашизмот и безнадежнните позиции и страдања на човекот во тоа време, но и покрај тоа, актерите со својата извонредна театарска игра, на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ создадоа автентична театарска магија што беше наградена со бурни аплаузи.

Преку спротивставеноста на политиката и интимните манипулации, особено во поглед на меѓучовечките односи, претставата „Самрак на боговите” покажува колку детално нацистичката влада манипулира со своите граѓани години пред официјалното започнување на Втората светска војна. Актерската екипа беспрекорно ги долови случувањата непосредно врзани за двете судбоносни вечери, палењето на Рајстагот во 1933 година и Ноќта на долгите ножеви, неколку месеци подоцна.

Дејствијата се случуваа во куќата на имотното семејство фон Ешенбек кое припаѓа на самиот врв од елитното германско општество. Двете ноќи кобно влијаат врз животот на целото семејство, на целокупното германско општество, но и на европскиот и светскиот поредок.Семејството ги убива сопствените водачи додека не се уништи самото, и тоа поради единствена причина – бидејќи подлегнало на идеите за подобра држава.

Според селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Александар Поповски, Мариборската „Драма“ е интересен ансамбл којшто е во голем подем, а има и многу млади квалитетни актери кои успешно ја градат својата кариера.

– Оваа претстава не случајно е тука. Повикана е на неколку фестивали, веќе освои награди, и не случајно ја покануваат бидејќи обработува една посебна тема, доаѓањето на фашизмот во Германија и случувањата во тоа време преку приказната на едно семејство. Сметам дека има толку многу работи што личат на денешно време и публиката може да го препознае тоа, вели Поповски.

Театарската претстава „Самрак на боговите“ во март годинава ја освои наградата за најдобра претстава на првиот Фестивал на балканските културни простори „Театар на крстопат“ во Ниш. Словенечкото народно гледалиште „Драма“ на овој фестивал доби режисерско признание, за најдобар сценограф, а Петју Лабовиќ беше прогласен за најдобар млад глумец. Наташа Матјашец Рошер ја доби наградата за најдобра женска улога за улогата на бароницата Софи фон Ешенбек, која и синоќа, на „Охридско лето“, уште еднаш покажа фасцинантна актерска зрелост и ја насочуваше енергијата на целиот театарски ансамбл.

Претставата е направена според сценариото на Лукино Висконти, Енрико Медиоли и Никол Бадалуко.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма