Во галеријата на отворено во демирхисарското село Слоештица денеска од 12 до 17 часот ќе бидат изложени делата кои шест македонски уметници ги создадоа во изминативе 10-тина дена, за време на ликовната колонија насловена „Звукот на Бела Река“.
Заинтересираните посетители ќе имаат можност да се сретнат и да поразговараат и со уметниците: Дијана Томиќ – Радевска, Сашо Саздовски, Пандора Апостолоска Саздовска, Филип Велковски, Горан Ристовски и Кети Талевска.
-Ова е првпат, во меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт – Гумно“ да гостуваат македонски уметници. Во целосен творечки карантин, уметниците создаваа инспирирани од темата – во услови на изолација поради глобалната пандемија, природата, ненаметливо почна да ни се наметнува, велат организаторите на настанот.