Археолошки наоди: Трескавец е култно место повеќе од два милениума

Од:

Просторот околу манастирот „Успение на Пресвета Богородица-Трескавец“ кај Прилеп од памтивека е култно, сакрално место каде жителите на овие простори наоѓале духовно исполнување и го почитувале божественото. И тоа на преку 1.200 метри надморска височина. Затоа не е случајно што средишно место зазема манастирот Трескавец. Ова е резимето на 11-годишните археолошки истражувања на Институот за старословенска култура и археологот Бранко Ристески кои работеа на артефактите со откривањето на античката населба Колобаиса.

Годинава, вели археологот Ристески, ги заокружиле истражувањата од првата фаза и фасцинираат уникатните наоди.

-Годинашниве археолошки истражувања се заокружување на првата етапа од археолошките истражувања на комплексот Трескавец кои започнаа во 2008 година. Како резултат на овие седум обемни археолошки кампањи успеавме, во основни црти, да ја дефинираме историјата на културата на овој простор и при што издвоивме 10 основни етапи, почнувајќи од доцното бронзено време до средината на 20 век. Помеѓу овие десет етапи на користење на овој простор од особено културно-цивилизациско значење за поширокиот Балкански простор имаат етапите поврзани со користење на античката населба и манастирот „Успение на пресвета Богородица“, Трескавец, вели Ристески.

Тој појаснува дека истражувањата, главно, беа насочени кон финално дефинирање на карактерот на античката населба Колобаиса во нејзините две основни етапи. Првата етапа е од крајот на првиот и почетокот на вториот век па до последните децении на четвртиот век, и втората етапа, таканаречената Рановизантиска е од петиот и шестиот век.

-Успеавме да ги дефинираме архитектонските, функционалните решенија на двата влеза во населбата. Главниот влез е позициониран на западната страна од бедемот и помошниот простор (потерната) на источната страна. Она што е најбитно како заклучок е дека конструкцијата, или техничките решенијана овие влезови јасно упатуваат на тоа дека немаат нагласена фортификациска (одбранбена) улога што ја потврдува нашата почетна теза дека овој простор уште од праисторијата па до ден-денес, има нагласено сакрално, култно значење. Имено, дури и во периодот на 5 и 6 век кога Колобаиса е вклучена во одбранбениот систем на Северна Пелагонија како просторна заштита и уште тогаш нема нагласени фортификациски објекти, туку само комуникациски пункт, посочува Ристески.

Според Ристески, тоа отвора дополнителна димензија во поширокото заштитено подрачје „Маркови кули“. Имено, посочува, овој гранитен простор во целиот културен период за кој говори е интегрално третиран. Секој од гранитните огромни делови има своја функција. Така, ридот „Маркови кули“ има одбранбена и функција на населба, гранитното извишување Кукул-Баба има стопанска функција, а возвишението Златоврв-Трескавец има единствено сакрален карактер.

-Во тоа е уникатноста на материјалните траги. Тие говорат дека на една, исклучително, висока позиција, од 1200 до 1400 метри надморска височина со големи финансиски и човечки инвестиции се инсистирало да се создаде еден култен простор, од длабоко во антиката до денеска. Сето тоа му дава дополнителна димензија на она што нам ни беше приоритет. Наодите се во контекст на заштитеното подрачје „Маркови кули“, нагласува археологот Ристески.

Самиот простор Трескавец во кој Манастирот со Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ го има централното значење, наведува тој, добива дополнителна димензија.

-Се потврди дека форумот во кој централно место зазема Базиликата е ремоделиран во средниот век, во 12 век, во Манастир, со нагласено култно значење, потенцирано во втората половина на 13 и во раниот 14 век. Тогаш, еминентни византиски великодостојници инвестирале во градбата на Манастирот како таков. Главно му се припишува на големиот византиски великодостојник Михаило и сознанијата покажаа дека тогаш се највисоките дострели на манастирската архитектура на овој простор. Да резимираме, овие два нови момента: историјата на културата на античката Колобаиса и новите сознанија за корените, односно, највисоките точки на дострел на манастирскиот комплекс се нова димензија која ни овозможува овој простор, во пошироки научни рамки да го промовираме и да му ја дадеме онаа димензија што нам ни е битна за постојаната листа на УНЕСКО, изјави Ристески.

По завршувањето на оваа прва фаза може в година да се аплицира за завршните археолошки истражувања и конзерваторските работи на античката населба Колобаиса.

-Уникатноста на овој простор е култноста и сакралноста кои како да се дадени од природата кои човекот само ги опредметува од праисторијата до денес, го заклучува објаснувањето археологот Бранко Ристески и директор на Институтот за старословенска култура од Прилеп.

Отец Калист, единствениот жител на манастирот Трескавец кој е во завршната фаза на обновата, вели дека со овие истражувања, со идниот нов лик на околината на Трескавец ќе продолжи да се раскажува приказната за овие, би рекле „свети“ простори кои отсекогаш го привлекувале вниманието на патниците-намерници од цел свет, а ќе има и практична намена – оформувањето на бедемите на античката населба ќе го штитат Манастирот од пожари.

-Овие архелошки истражувања многу значат и се надеваме дека ќе се заокружи приказната за Колобаиса, за претхристијанскиот и за ранохристијанскиот период на просторот околу Трескавец. Сето ќе го збогати мозаикот во туристичката приказна која постои сега. Просторот ќе се видоизмени со сите тие градби кои сами ќе ја раскажуваат приказната. Би било едно интересно патување низ времето од антиката, преку средновековието до денес. За нас од исклучително значење е практичниот дел, возобновувањето на целиот заштитен бедем околу Колобаиса. Тоа ќе значи природна заштита, особено од пожари, зашто ги имаме речиси секоја втора година, вели отец Калист.

Би можело да ве интересира

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Ана Ололовска

Египет ги изложи неодамна откриените артефакти стари 2.500 години

Предраг Петровиќ

„На север од егејскиот свет“ – нова книга на археологот Драги Митревски

Минатата година се зголеми македонското археолошко богатство, а науката доби лабораторија за прецизирање на фактите

Ана Ололовска

Конференција за предисториска археологија „Предисторија на Балканот“

Ана Ололовска

Завршија овогодишните истражувања на Градиште-Бислим кај кумановското село Пчиња

Ана Ололовска