Започнаа археолошките истражувања на локалитетот Градиште во Неготино, а истражувањата треба да го дадат одговорот дали овој археолошки локалитет го крие античкиот град Антигонеа, информираше денеска директорот на неготинскиот музеј Ристе Марков.
– Ова е прашањето на кое се очекува да даде одговор меѓународниот истражувачки проект што се спроведува веќе седма година. Проектот го раководат вишиот кустос археолог Горан Санев од Археолошкиот музеј на Македонија и професорот Николас Секунда од Универзитетот во Гдањск, Полска, во соработка со музејот на градот Неготино, од кој е вклучен археологот Костадинка Филипова, рече Марков.
Локалитетот се наоѓа на рид на влезот во Неготино, а за постоењето на Антигонеа науката дознава од Појтингеровата карта. Се претпоставува дека градот бил именуван по македонскиот крал Антигон Досон или Антигон Гонат, во 3 век пред нашата ера.
Градот бил керамичарски центар во регионот. Сознанијата за градот на Градиште и за неговата историја континуирано се надополнуваат во изминативе шест години.
– Во богатиот движен материјал откриен при истражувањата, меѓу мноштвото наоди има и такви што се уникатни. Меѓу нив е теракотна фигурина, која по својот изглед и форма досега не е сретната на ниеден локалитет во Македонија. Се откриваат и калапи за керамички светилки, но и на примероци на светилки извадени од истите калапи остатоци и од калапи за изработка на теракотни фигурини, додаде Марков.
Според него, стратегиската позиција на Градиште е извонредна бидејќи овозможува од ридот да се надгледува огромна територија. Поради тоа се смета дека тука било воено утврдување, своевиден контролен, односно стражарски пункт, но досегашните истражувања засега открија само живеалишта со покуќнина, односно садови вообичаени за домаќинството, кои биле организирани во урбанизирана населба со улици, канали за одвод на водата, тротоари. Археолозите се надеваат дека со наредните истражувања, додека трае проектот со Универзитетот од Гдањск, ќе успеат да откријат и дел од јавните градби на градот.
Археолошките ископувања ќе траат до 30 јули.