Во Археолошкиот музеј на Македонија на 23 декември, ќе се одржи археолошката конференција „Неолитот во Македонија“. Конференцијата е во организација на Центарот за истражување на предисторијата и Археолошкиот музеј на Македонија.
Овој настан е прв собир на македонските археолози кои го истражуваат неолитскиот период и имаат добиено значајни резултати што произлегуваат од теренските ископувања, обработката на музејскиот материјал или кабинетските проучувања.
Со оглед на тоа што, најголем дел од овие резултати остануваат непубликувани, а научните средби меѓу археолозите се мошне ретки, неопходна беше иницијативата да се организира конференцијата „Неолитот во Македонија“ на која ќе се презентираат сознанијата поврзани со неолитските локалитети и материјалната култура од овој период.
На овој настан ќе учествуваат десетина македонски археолози коишто ќе говорат за почетокот и крајот на неолитот, новите видувања на неолитските фази, рекогносциратата и датирањето во пелагониската котлина и нејзината околина, ревидирањето на локалитетите во охридско, примената на протоматематиката, ископувањата на населбите во Овче Поле и Скопско, анализите на камените, керамичките и коскените алатки, како и за континуитетот на неолитските предмети во останатите предисториски периоди.