Вкупно 17 реферати од триесетина археолози од Македонија, Србија, Грција, Словенија, Чешка, Австрија, Германија и од Швајцарија ќе бидат презентирани на третата конференција „Неолитот во Македонија“, што денеска се одржува во Археолошкиот музеј на Македонија, во организација на Центарот за истражување на предисторијата.
Археолозите на конференцијата ќе говорат за најновите сознанија поврзани со неолитското културно наследство во Македонија и за научните проблеми што се однесуваат на бројни отворени прашања во рамки на предисториската археологија.
Ќе бидат промовирани најновите изданија на Центарот за истражување на предисторијата, зборникот на трудови „Неолитот во Македонија: чекор напред во проучувањето на првите земјоделски општества“ и монографијата на Дарко Стојановски „Grnčarica: contribution to Early Neolithic puzzle in the Balkans“.