„Ана Комнена“ на Охридско лето

Од:

Театарот „Џинот“ од Велес вечер, во рамки на официјалната програма, ќе настапи на фестивалот „Охридско лето“ со претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски, во режија на Ненад Витанов и Васил Зафирчев.

Претставата ќе биде изведена во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид, со почеток во 20 часот.

„Ана Комнена“ е праизведба на истоимениот драмски текст на Сашо Димоски, второрангиран на конкурсот за драмски текст за отворањето на новата театарска зграда во Велес. Претставата е последна, четврта премиера од минатогодишната програма на театарот, поддржана од Министерството за култура, со која Велешкиот театар ја отвори новата театарска сезона за 2017 година.

Претставата ја третира личната драма на византиската принцеза Ана Комнена која иако е легитимен претстолонаследник, не успева да застане на чело на империјата само затоа што е жена.

„Ана Комнена“ не е историска драма ниту драма на историјата, туку современ драмски прочит кој го преиспитува историскиот контекст и феноменот на власта, но и сите политички, социолошки, културолошки и уметнички референци на Византија како империја во нивните универзални значења и вредности. Градена е на три основни концепти како што се родовото устројство на светот, позицијата на жената во власта и преиспитување на концептот верба, позицијата на Бог, прочитана од сите можни перспективи што го засегаат човековото битие.

Насловната улога во претставата ја толкува актерката Кети Борисовска, а покрај неа во претставата настапува речиси целиот ансамбл на театарот: Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Весна Димитровска Бобевски, Зорица Панчиќ, Жарко Спасовски, Александар Велјановски, Самоил Стојановски, Фаик Мефаилоски, Талија Настова, Маја Љутков, Александар Ѓеоргиев, Кирил Гравчев, Марија Стефановска, како и студентите од Факултетот за аудио-визуелни уметности „ЕСРА“ Даријан Петровски, Андреј Серафимовски и Румена Шопова.

Сценографијата за претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Раде Василев, авторската музика на Сашко Костов, а видео-дизајнот на Данчо Стефков.

Претставата беше изведена и во официјалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде што доби две награди на фестивалот, за најдобра костимографија и за најдобар рекламен материјал.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија