АКТО 9: Уметноста како чекан за промени

Од:

Утре почнува деветтото издание на фестивалот на современи уметности,  АКТО, под мотото „Чекан, не огледало“. Од 22 до 24 август во Битола, годинава, речиси сите содржини на фестивалот ќе се одржуваат во Мобилната галерија која од Паркот на франкофонијата во Скопје беше преместена во паркот пред офицерскиот дом во Битола.

– На годинешното издание на АКТО Фестивалот за современи уметности го претставуваме проектот Мобилна/монтажна галерија на ЦАЦ Скопје, со цел промовирање на нови начини на третирање и продуцирање култура. Стигнавме до точка каде што произведовме нов наш независен простор за културно делување, кој е подвижен и за АКТО за прв пат се носи надвор од Скопје. Тоа за мене лично, но и за АКТО е многу битно затоа што ја означува не само метафоричката, туку и фактичката децентрализирана култура.

Темата на АКТО 9 е референца на Брехтовата мисла „Уметноста не е огледало на кое се гледа реалноста, туку чекан со кој треба да се обликува“, која за мене лично како еден од авторите на галеријата и уметнички директор на АКТО точно го означува она што сакаме да го постигнеме, односно промоција на уметност и култура кои го обликуваат општеството. Важно е да се продолжи приказната за окупирање на јавен простор и преиспитување на истиот. Многу ме изненади и ме радува тоа што целата идеја околу галеријата почна вистински да се реализира, во смисла на тоа што откако ја поставивме, до донесувањето тука во Битола имаше навистина голем број настани во Скопје кои на почетокот не ни помислувавме дека ќе ги има и затоа сега ја донесовме тука, заради децентрализација и вклучување на локалната заедница во создавањето култура – тоа е тој чекан за обликување на општеството, вели Филип Јовановски, уметнички директор на фестивалот АКТО.

Официјалната програма е поделена на три целини, со главен акцент на серијата дискусии насловена „Возможно/невозможно – дијалектиката помеѓу политичкиот активизам и уметноста“, концепт на теоретичарот и активист, Артан Садику.

akto9-d-

Освен главната програма, фестивалот нуди и богата оф и музичка програма

– Од почетоците на АКТО Фестивалот, алтернативните локации се дел од имиџот на фестивалот, дел кој вистински сакаме да го задржиме и да го надградиме со нови и нови локации. Така, оваа година ќе додадеме во низата уште една напуштена фабрика, Битолатекс, кајшто ја сместивме ОФФ програмата за сабота, 23.08. односно аудиовизуелниот сет на Кишобран (Србија) – колектив со своја резиденција на main stage-от на ЕГЗИТ во последните 4 години, како и диџеј сетот на нашиот голем пријател и поддржувач на фестивалот Мирко Попов, на Игор Зотик и Кристијан Петровски.· Важен дел од годинешното издание и офф програмата е партнерството со мезе бар „Јагода“, кој како и лани е официјалното кафе на АКТО 9 и со кој во недела на 23.08. заеднички го организираме целодневниот музички настан пред мобилната галерија, на кој ќе настапат 8 диџеи, вели Никола Димитровски.

Фестивалот го најавува и перформансот „Сакам“ и театарската претстава „Контрола“ на Теа Беговска, во визуелниот дел се планирани изложбата „You made me so sad. Now that doesn’t have anything to do with you“, курирана од Ивана Васева, а ќе бидат изложени и дела на Алексис Дебуф од Франција и уметници од Хрватска меѓу кои Маријан Црталиќ, колективот АБС, Немања Цвијановиќ и Пино Иванчиќ во соработка со мрежата BCC /Balcan can contemporary.

Тука се и настапите на КИШОБРАН од соседна Србија, нашите СИЗ, потем на артисти како Мирко Попов, Васо, Игор Зотиќ и многу други од локалната електронска сцена.

Случувањата е планирано да се одржуваат во напуштените хангари на фабриката „Битолатекс“, Oфицерскиот дом и во Мобилно/монтажна галерија на Центарот за современа уметност која по прв пат ќе „патува“ надвор од Скопје.

И оваa година е организиран транспорт за публиката, восот од Скопје тргнува во 14, 30 часот.

А.Б.

Би можело да ве интересира

Почина сликарот Таки Павловски

Ана Ололовска

Утре започнува шестото издание на мултимедијалниот фестивал ArtArea/Артерија

Ана Ололовска

Започна 15-та јубилејна Меѓународна графичка работилница „Софија“ во Богданци

Ана Ололовска

Зоран Попоски изложува на Месецот на дигитална уметност во Париз

Ана Ололовска

Изложба на проширено кино „Терански Фрагменти“

Ана Ололовска

Избрани четворицата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години

Ана Ололовска