Носителите на дејност од НЦК „Антон Панов“ од Струмица кои веќе 100 дена водат битка во докажувањето на некомпетентноста на новоизбраниот директор, денеска обелоденија дека имаат сознанија за злоупотреба на службената должност на директорот.
„Според добиената документација (платен список на вработените за месец февруари 2021 и rешение за распоредување на работник), согласно Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер на РМ, имаме сомненија и индиции дека новоизбраниот директор уште во првите 30 дена од неговото директорување извршил злоупотреба на службена должност и овластувања“, реагираат актерите.
Според нив, Бубев, на работното место раководител на маркетинг и односи со јавност, систематизирано во последната законски спроведена sистематизација на работни места во НУЦК „Антон Панов“ Струмица, од септември 2020 г., каде за тоа работно место се предвидува високо образование (Правен или Економски факултет), целосно ја прекршил законската постапка за промена на sистематизацијата на работните места и именувал лице со завршено средно образование.
„Не постои одлука на Управен одбор на институцијата, ниту, пак, одобрение од страна на Министерството за информатичко општество. Претпоставуваме дека директорот ја злоупотребил својата функција и на своја одговорност допишал дека покрај високо образование, таа работна позиција може да биде извршувана и од лице со средно образование, во случајов – гимназија. Тој на 26 февруари 2021 г. го распоредил работникот од работно место – соработник за маркетинг и односи со јавност, на работно место раководител на маркетинг и односи со јавност, за кое во систематизацијата се бара високо образование; му потпишал плата за месец февруари за таа позиција, иако лицето до наведениот датум извршувало работни задачи на друга функција“, велат актерите.
Според нив, таквото постапување на новоизбраниот директор отвора многу сомнежи и прашања. Тие уште еднаш јавно упатуваат прашање до ресорната министерка Ирена Стефоска, на која ѝ бараа оставка од функцијатата министер за култура на РМ.
Тие ја прашуваат Стефоска дали заслужува таков човек со неадекватно образование и отсуство на искуство во културата, со непостапување согласно законите на оваа држава, да ја води нашата институција.
Струмичките актери очекуваат одговор и од надлежните институции до кои повеле постапки, како надлежните судови и Основното јавно обвинителство од Струмица и Државната комисија за спречување корупција и криминал, и очекуваат дека тие ќе се зафатат со проверка на индициите кои ги соопштуваат.
Драмскиот ансамбл на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, останува на своите барања и потенцира дека нема да ја спроведе Годишната програма за 2021 година, одобрена од Министерството, и нема да го реализира тековниот репертоар сѐ додека министерката не ги прифати нашите барања.