Акција „Подари книга“ за лица во социјален ризик и со ниски примања

Од:

Граѓаните, фирмите и институциите можат да донираат книги за лицата  во социјален ризик и со ниски примања. Книгите ќе им бидат доставени бесплатно преку проектот „Подари книга“ што од денеска го реализира Министерството за труд и социјална политика во соработка со Македонска пошта.

Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, секој кој има можност да подари книга треба да ја достави до филијалите на Македонска пошта, центрите за социјална работа или во детските градинки.

– Книгите кои ќе ги донираат граѓаните, фирмите и институциите ќе бидат ставени на располагање и во корист на децата без родители и родителска грижа, на згрижувачките семејства, на сите членови од семејствата во социјален ризик, на материјално необезбедени граѓани и сите оние кои не можат да си дозволат нова книга, рече на прес-конференција министерот Спасов.

Тој информира дека целосен список на донирани книги, што редовно ќе се ажурира, ќе биде објавен на веб-страницата на МТСП. Ќе биде достапен за сите заинтересирани граѓани евидентирани во системот за социјална и детска заштита, а кои имаат потреба од одреден наслов. За книги ќе може да се обратат во триесетте центри за социјална работа. Задолжени лица во МТСП по претходно добиени податоци од центрите ќе вршат поврзување на донацијата со барателот кој има потреба од неа. Потоа Македонски пошти ќе направат бесплатна достава на книгата до барателот.

– Услугата ќе се врши по принципот „Прв дојден прв услужен“, рече министерот Спасов, кој со вршителот на должноста директор на Македонска пошта Гоце Баболински потпишаа договор за соработка за реализација на проектот.

Според Баболински, книги може да се достават во сите 320 објекти на Македонска пошта ширум државата, од каде ќе бидат бесплатно доставени до барателите.

– Ги повикувам сите заинтерсирани граѓни да достават книга и да дадат придонес во акцијата. Македонска пошта стои на располагање и за идни вакви акции, истакна Баболински.

Министерот за труд и социјална политика посочи дека „Подари книга“ е надградување на проектот „Се грижиме за  топол дом“, преку кој досега помош со донации од мебел, бела техника и друга опрема за дом, добија над 1.600 семејства. Ќе се продолжи и со слични проекти за динирање облека и детски играчки, најави Спасов.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска