Триесетина претставници на МАНУ, од нив 14 академици, предводени од првиот човек на оваа инситуција, Владо Камбовски, денеска престојуваа во Дебар, каде на локалната власт и подарија мала библиотека од 64 книги.
Пред претставници на локалната власт и интелектуалци, Камбовски имаше обраќање во кое говореше за значењето на МАНУ, како инситуција која постои 46 години и која е од посебно значење за Република Македонија, за исконската определба на сите нас за Европа, за застапеноста на припадниците на Албанците и другите етнички заедници во Академијата и можностите за нивно процентуално зголемување, за значењето на образованието и културата кои треба да бидат приоритет.
Камбовски меѓу другото најави дека корекциите на Македонската енциклопедија можно е да завршат на есен.
– Откако новата редакција ќе ги направи потребните корекции ќе се оцени дали таа Енциклопедија ќе се издаде со ново издание или не, се разбира со исправките на грешките кои беа констатирани. Тоа врз основа на заклучоците на Собранието. Сега чекаме новата редакција да предложи нови заклучоци а Собранието да расправа за тоа. Очекуваме исправките да завршат до на есен, изјави Камбовски.
Градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, како домаќин, искажа огромно задоволство, што првпат во Дебар престојуваат претставници на највисоката научна инситуција.
– Сакаме да одиме во Европа, а авангарда за тоа е токму МАНУ. Иднината е толеранцијата и разбирањето, што би биле реален академски придонес. Ова е прв пат во Дебар да дојдат академици на Македонија што е на наше големо задоволство, рече Љата, заблагодаруваќи се и за подарената библиотека.
Делегацијата на МАНУ, претходно ги посети и манастирот „Свети Јован Крстител“(Бигорски манастир) и манастриот „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Рајчица.