Како дел од богатата културна понуда во градот во рамките на кандидатурата за Скопје – Европска престолнина на културата 2028, годинава, по 32-ри пат ќе се одржи Меѓународниот детски фолклорен фестивал „Оро без граници“. Фестивалот кој претставува симбол на пријателствoто меѓу децата е во организација на Детскиот културен центар „Карпош“, а главен покровител е Градот Скопје. Централниот настан ќе биде на 16.09.2023 година на Школката во Градскиот парк, со почеток во 19 часот.
Детскиот културен центар „Карпош“ со својот фолклорен ансамбл се домаќини на фестивалот. Еден од главните и најсимболични моменти на фестивалот е дефилето на учесниците, каде што се формира најголемото оро, оро кое не познава граници, оро кое е симбол на пријателството меѓу децата. „Оро без граници“ е празник на градот кој широко ги отвора вратите на Европа и на светот и е амбасадор на културата. Фестивалот придонесува за зачувување и презентирање на традицијата и на културата и за промовирање на знаменитостите по кои е препознатливо Скопје – вели директорот на фестивалот д-р Билјана Лалчевска Серафимовска.
Фестивалот „Оро без граници“ своите почетоци ги бележи во далечната 1991 година.