18. Скопски филмски фестивал удри право во центарот

Од:

Синоќа се затвори 18. издание на Скопје филм фестивал со документарниот филм „Граѓанинот 4“, кој годинава доби Оскар, а се занимава со аферата на Едвард Сноуден со прислушувањето и ги има сите елементи на шпионски трилер.

Додека пак, за отворањето ја имаше премиерата на одличниот нов македонски филм „Медена ноќ“, на режисерот Иво Трајков, сниман во 2013 годна, во кој Трајков мајсторски ја транспонирал новелата „Уво“ на чешкиот писател и сценарист Јан Прохаска, која, помалку или повеќе случајно, се занимава со најжешката тема во македонското општество

11178602_10206697886501018_1830022838_n

Со бравурозните изведби на Никола Ристановски и Верица Недеска, овој филм кој може да се гледа и како една брачна драма, чиј што тригер е стравот од прислушување на еден заменик министер во Македонија, некаде во раните 90 – ти години, ги поставува прашањата – до каде е подготвен човек да оди за да се здобие со моќ и власт, колку чини стравот, а колку слободата. Прашања исклучително актуелни во политичкот и историски момент во кој се наоѓа државата.

Последната македонска премиера на фестивалската програма, пак, беше филмот „Карма“ на младиот Владимир Митревски, кој успеал во една кратка форма да проговори за очајот и немоќта на еден татко пред здравствените инситуции во кои лекувањето сепак не е бесплатно.

11185791_10206697937422291_680674295_n

За слична семејна трагедија говори и филмот „Правилата се такви“ на хрватскиот режисер Огњен Свиличиќ, кој, исто така беше прикажан на програмата на годинешново издание на фестивалот. Базиран на вистински случај за смртта на едно момче заради ненавремена лекарска интервенција и овој филм без непотребна патетика и режисерски украси, говори за беспомошноста на „обичните мали луѓе“ пред безмилосните, корумпирани и нефункционални системи на полицијата и здравството.

Филмот „Инферено“ на словенечкиот режисер Винко Модерндорфер, го поставува прашањето на безизлезноста и немоќта на индивидуалната борба против неправдата, сиромаштијата, невидливата но разорувачка моќ на капиталот.

Специјален гостин на фестивалот беше познатиот ирански режисер и борец за човекови права, Мохсен Макхмалбаф, кој се смета за еден од највлијателните светски филмски режисери на денешницата. Неговата животна сторија и неговите успеси се исто толку фасцинантни колку и едноставноста со која ја раскажа мрачно – сатиричната приказна за еден диктатор, за моќта и одмаздата, за насилството и за револуцијата во филмот „Претседателот“.

И токму Макхмалбаф, велејќи на прес конференцијата во Скопје: „Зошто воопшто да се прават филмови, ако не се ангажирани, ако со нив не сакаме да кажеме и да промениме нешто важно во општеството“, со сета тежина на своето дело, но и на своите животни избори, како да одговори на прашањето за концептот на овој фестивал.

11158202_10206659755387764_275840245_n

СФФ уште од својот почеток, но особено со годинешната програма, со која го прослави своето полнолетство, сигурно и бескомпромисно се зафати на скопска публика да и’ понуди програма и фестивал кој не е само забава, гламур, светски хитови, најнаградувани дела – зборови со кои премногу често се опишуваат нашите фестивали и се празнат од значење и сериозен концепт.

Не, Скопски филмски фестивал со филмовите што ги избра, удира право во центарот, таму каде сме ги сокриле чувствата за другите, таму каде што е ранливо, удира на она место кое не’ тера да излеземе од кино променети и подготвени да делуваме.

Александра Бубевска

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје