13. Фестивал на европски филм „Синедејс“ од 13. до 22 ноември

Од:

Над 100 филмови, 200 гости, десет концерти и пет филмски работилници ќе има на 13. Фестивал на европскиот филм „Синедејс“ кој ќе се одржува од 13-ти до 22 ноември, со проекции во кината Милениум, Фросина, Кинотека, Џебно кино на МКЦ.

Директорот на Младинскиот културен центар Златко Стевковски денеска на прес-конференција ја најави програмата во која во двете натпреварувачки програми – официјалната и „Синебалкан“ ќе има 15 филмови избрани од селекторот Бернд Будер, за кои ќе одлучуваат две меѓународни жирија.

– Филмови кои отсликуваат извонредни приказни, со одлични примери како замислените ликови се борат да изградат меѓучовечка солидарност помеѓу етникумите, нациите, конфесионалностите, генерациите, социјалните класи…, па дури и помеѓу ближните. Во овие петнаесетина филмови, ќе имаме можност да погледнеме нови, амбициозни автори, чии првенчиња и/или веќе втори долгометражни филмови се наградени на филмските фестивали во Европа, рече Стевковски.

Земја во фокусот годинава е Бразил и ќе бидат прикажани најрепрезентативни филмови од кинематографијата на таа земја, ќе има и кратки филмови на млади и перспективни македонски режисери, програма на музички документарци, составена во соработка со загрепскиот фестивал ДОРФ, а гала-програмата и оваа година ќе донесе филмски наслови и победници од последните фестивали во Кан, Венеција, Берлин и Карлови Вари и на големи автори, како Кроненберг, браќата Дарден, Ларс вон Трир, Мишел Гондри, Ким ки Дук, Годар, Кончаловски, Вуди Ален, Вим Вендерс, Фатих Акин… Во гала-програмата, за која Стевковски рече дека секогаш се бара карта повеќе и дека донесува наслови кои ги имаат фестивали со многу поголем буџет, ќе има и два омнибуса со погледи на познати режисери „Bridges of Sarajevo“ и „Rio, I love you“…

Фестивалот идниот четврток ќе почне со македонско-српската компродукција „Споменикот на Мајкл Џексон“ во режија на Дарко Лунгулов, а на 22 ноември ќе заврши со целовечерен концерт на филмска музика во изведба на оркестарот на Македонската филхармонија.

Во придружната програма ќе има пет работилници и конференции. Во соработка со Агенцијата за филм на РМ ќе биде организирана петдневна регионална тренинг-работилница на EAVE (најголема меѓународна мрежа на продуценти) со светски експерти за развој на филм за македонските филмски продуценти.

Директорот на Агенцијата Дарко Башески рече дека EAVE ги собира врвните експерти од филмот и дека една третина од селектираните филмови на големите фестивали се развивани преку оваа мрежа.

– Беа пратени покани до сите земји на ЈИЕ, на крајот се избрани осум проекти. Од Македонија ги примивме двете апликации и од другите земји од регионот имаме уште шест проекти. Осумте проекти ќе бидат развивани со скрипт-доктори, со експерти, во тек на пет дена, за да стигнат до повисоко ниво и да може да аплицираат на EAVE. Во преговори сме EAVE да го донесеме со голема меѓународна работилница следната година, рече Башески.

Ќе има и голема регионална работилница за филмска камера која финансиски е поддржана од европскиот фонд Еуримаж, работилница за филмска критика ќе одржи Бојд Ван Хој, еден од најголемите релевантни филмски критичари, а како дел од проектот Офф ДОРФ ќе има и конференција на тема: „Музичките документарци во транзицискиот 21 век”.

Во соработка со македонската компанија за анимација и визуелни ефекти во филм – Fx3x ќе гостува Виржини Бурдан, светски аниматор и специјалист за визуелни ефекти, дел од најголемата светска компанија за визуелни ефекти Moving Picture Company. Ексклузивен гостин на „Синедејс“ ќе биде и режисерот на филмот „Corn Island”, Џорџ Овашвили, кој победи на фествалот Карлови Вари.

– Непроменлива цврста константа, рече Стевковски за буџетот на годинашниот „Синедејс“, зашто износот е непроменет неколку години. Во него учествуваат Министерството за култура, Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје. Поради мал буџет не можеле да донесат ѕвезди на „Синедејс“ ниту да платат за рекламни билборди во центарот на Скопје.

Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски рече дека почетокот на „Синедејс“ на 13 ноември е уште еден придонес во одбележување 70 години од ослободувањето на главниот град.

– Од година во година е се поголема заинтересираноста и секогаш се бара билет повеќе, што зборува за квалитетот на овој фестивал, рече скопскиот градоначалник.

Би можело да ве интересира

Реномирани музичари, книжевници и актери се дел од програмата на „Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура

Во Штип Фестивал на уметноста „Ликовна визија“

Шопен под отворено небо со Дино Имери

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје