ЗНМ: 18 милиони евра потрошила Владата за реклами за две и пол години

Од:

После пет години од воведување на практиката на владини кампањи во медиумите, владата ги објави износите на парите што ги трошела за оваа намена во изминатите две и пол години, реагираат од Здружението на новинари.

Во соопштението за јавност на ЗНМ стои:

„Извештајот кој е неодамна објавен на веб страната на Владата се однесува за владините кампањи спроведени во 2012, 2013 и првите шест месеци од 2014 година. Во овој период Владата водела вкупно 27 медиумски кампањи, за кои потрошила околу 18 милиони евра.

Од податоците на Извештајот се гледа дека постои тренд на зголемување на средствата што Владата ги трошела за оваа намена. Ако во 2012 година за кампањи се потрошени 6. 6 милиони евра, само во првите шест месеци од 2014 се потрошени скоро 4 милиони евра. Најголем дел од кампањите се за информирање и запознавање на граѓаните за придобивките од реформите во разни области, како што се судство, здравство, образование, земјоделство, туризам, администрација, четири кампањи се за поттикнување на иновативниот и претприемачкиот дух, и по две против абортусот, за соживотот и две под мотото “Истражи ја Македонија“ како и една за промовирање на семејните вредности. Владата со оваа анализа ни ги потврди сите наши сомневања дека владините кампањи немаат никаква врска со јавниот интерес, туку се чиста политичка пропаганда на Владата платена со парите од граѓаните. Првата реченица од извештајот ги потврдува нашите сомнежи.

Владата тврди дека кампањите се реализираат со цел да ги информира граѓаните со важноста и значењето на конкретните политики и мерки. Ова значи дека Владата преку кампањите и со парите на граѓаните ја полни главата на јавноста дека води успешна политика на реформи без разлика дали тие навистина можат да се сметаат како такви. Пример: во изминатите три години Владата водела три кампањи за реформите во судството од кои се овозможувале правата на граѓаните.

Покрај позитивната слика што Владата сакала да ја создаде во јавноста за спроведените судски реформи, Европската комисија во годишниот извештај за напредокот на Македонија во 2013 година пишува дека во земјата има селективна правда, а во Извештајот на Американската администрација стои дека во Македонија има политички затвореници. Се поставува прашањето, на кого треба да веруваме, на владините кампањи дека судските реформи се успешни или на ЕК која крајно негативно ја оценува успешноста на реформите. Ова покажува дека Владата нејзините политики ги прогласила за јавен интерес, што е незамисливо во демократски земји, каде се води жестока дебата за потребата од такви реформи, а резултатите од нив се предмет на оспорување во медиумите и јавноста.

Со овие кампањи Владата свесно ја убива смислата за јавна дебата, со цел нејзината вистина да доминира во медиумскиот простор и да го маргинализира секое критично размислување во медиумите и јавноста. Ова создава монопол на Владата во креирањето на јавното мислење, што е незамисливо во едно демократско општество, каде таа води јавни кампањи само за прашања за кои меѓу граѓанството постои општ консензус.

Вториот сомнеж што ни го потврди овој Извештај е дека при распределба на кампањите нема јасни критериуми, а и тој што постои е прекршен. Во Извештајот се вели дека еден од критериумите за дистрибуција на кампањите е гледаноста и рејтингот на медиумите.

Според Анализата на пазарот на радиодифузната дејност за 2013 година од Агенцијата за аудио и аудиовиозуелни медиумски услуги, ТВ Сител има 28. 6 % учество во вкупната гледаност, а во истата година има добиено 791 објави од спотовите на владините кампањи. Од друга страна Телевизијата Алфа, која истата година имала учество од 3.2 % од вкупната гледаност, има добиено 5295 објави од кампањите. Од овие податоци јасно се гледа дека има огромен дисбаланс меѓу гледаноста на телевизијата и добиените објави од кампањите. Владата во 2013 година, според истата Анализа на ААВМУ, е втор од 50-те најзначајните рекламери во националните медиуми.

Меѓутоа, Владата со 7.2 милиони евра, има речиси ист број на емитувани спотови колку што заедно имаат првиот, третиот и четвртиот од најзначајните огласувачи во медиумите. Тоа значи дека Владата со овие пари има закупено ист простор во медиумите, колку што имаат заедно Проктер &Гембел, Кока Кола и Оне. Од овие податоци се гледа дека трговските односи меѓу Владата и електронските медиуми не се базирани на економска логика, која важи за другите купувачи на рекламен простор.

Ако се знае дека дистрибуцијата на кампањите оди преку приватни маркетинг агенции, прашањето е како овие агенции успеале да обезбедат толку ниски цени за огласување за владините кампањи и зашто медиумите ја прифаќаат оваа неекономска логика на пазарот? Со спуштање на цените на рекламите ние сметаме дека Владата учествува во нарушувањето на медиумскиот пазар и негативно влијае на економското работење на медиумите. Освен тоа, ваквата состојба на пазарот ги става во нерамноправна позиција и другите огласувачи во медиумите. Кога овие кампањи би се платиле со пазарни цени, износот на пари за закупениот простор за владини кампањи би бил тројно поголем. Од оваа анализа останува сомнежот дека кампањите имаат за цел да влијаат на уредувачката политика на медиумите.

Самиот факт дека се дадени само бројот на емитувањата на кампањите во медиумите, но не и износот на сумите кои се исплатени, покажува дека Владата сака да го сокрие податокот колку пари давала на секој од електронските медиуми одделно на национално, регионално и локално ниво.

Заради сите горенаведените причини, ЗНМ смета дека Владата треба веднаш да прекине со објавување на владините кампањи во приватните медиумите затоа што тие не се од јавен интерес. ЗНМ се сомневаме дека Владата преку кампањите влијае на уредувачката политиката на медиумите а со тоа и на јавното мислење. Спорно што нема јасни критериуми за распределбата на владините кампањи. ЗНМ бара владините кампањи да се регулираат со посебен закон во кој јасно ќе се дефинира јавниот интерес на кампањите, процесот на огласување да биде транспарентен и да има критериуми за нивната распределба“, стои во извештајот на ЗНМ.

Би можело да ве интересира

ЗНМ: Новинарот Фуркан Салиу да биде пуштен на слобода, а МВР да ја информира јавноста за причините за неговото приведување

ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Ковачевски: Им се извинувам на медиумите, не сакам да се им се случи она што се случуваше до 2016

Орце Костов

ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје: Соработка за унапредување на новинарството

ЗНМ И УНДП ги доделија наградите за новинарски стории за 2023 поврзани со загадувањето на воздухот во земјава

Одговор од Собранието на реакцијата на ЗНМ во врска со вчерашната седница за избор на техничка влада