Првиот човек на Судскиот совет, Зоран Караџовски, рече дека минатогодишната одлука на Судскиот-буџетски совет за исплата на додатоци на плата за членовите на Советот до 35% воопшто не е скандалозна, туку законска, иако тој самиот гласал против.
„Ретроактивно дејство има како за судиите, така и за членовите на Судскиот совет. Ставот мој и законската регулатива за членовите на Судскиот совет и во претходниот состав и за новите членови е јасна и недвосмислена. Нема никаков скандал тука според нас, затоа што законската основа стои во членот 2 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет. Има соодветен правилник изготвен во 2016 и 2017 година соодветен за платите на судиите. Значи ова право за надоместоци и додатоци го имаат членовите на Судскиот совет пред да го имаат судиите“.
Караџовски рече дека членовите на Судскиот совет се на исто рамниште со судиите и додаде дека додека е тој претседател нетговите колеги во Советот нема да земаат додаток на плата доколку судиите нема да го земаат истиот додаток.
Претседателот на Судскиот совет рече дека пред Нова година стигнало барањето од Основото јавно обвинителство кое по допрен глас го истражува минатогодишното изгласување на додатоците на плата за членовите на Судскиот совет.
„Тоа што го побарало или ќе го побара кое било Јавно обвинителство, во соодветен рок ќе биде предадено. Не е предадено. Пред Нова година дојде барањето. Рокот е 30 дена. Нема да го чекаме триесеттиот ден“, рече Караџовски. Mинистерката за правда го оцени изгласувањето на додатоците на плата за членовите на Судскиот совет како скандалозно.
Караџовски пред новинарите кажа дека гласал против одлуката за додатоци до 35% поради тоа што не биле донесени измените во Законот за судската служба и поради фактот што во 2016 имало штрајк на судската администрација бидејќи само за нив немало додатоци на плата, како што тоа го има за судиите и обвинителите: „Јас гласав против на таа седница со соодветно образложение и формално-правно и во врска со судството и во врска со односите судии – судска служба, пошироко беше моето образложение зошто гласав против“.
Дисциплинските постапки за судиите ќе почнат формално од почеток, поради новите членови на Судскиот совет. „По тие постапки во тек е расправа. Расправата ќе ја почнат формално од почеток, ќе мора, бидејќи е променет составот. Како што бараат последните измени на Законот за Судскиот совет, ќе определиме по пат на ждрепка нови членови на местата на старите. Немаме строго формална процедура за испитување на судиите. Тоа е работа на комисиите. Соодветен начин ќе најдат“, рече Караџовски.
Советот денеска со 11 гласови „за“ избра претседателки на судовите во Крушево и Берово: Лидија Андреска и Ленка Симевска.
Васко Маглешов