Златниот медал е резултат на напорната работа и тренинзи, а голем удел во овој успех имаат и моите тренери кои многу ми помогнаа со стручните совети. Третиот медал од големите натпреварувања, не значи дека застанувам тука, напротив, со поголем елан продолжувам кон следната цел, а тоа е освојување на титулите светски и европски првак во сениорска конкуренција, истакна Берат Јакупи на денешната прес конференција.
Македонскиот карате репрезентативец Јакупи викендов освои златен медал на Европското првенство во Конја, Турција, во конкуренција на постари јуниори. За постигнатиот резултат македонскиот каратист од Агенцијата за млади и спорт следните 24 месеци ќе добива стипендија од Меѓународна категорија за јуниори која изнесува една просечна плата месечно.
За Јакупи ова беше трето злато на ЕП, откако беше европски првак во категорија на кадети (во Париз 2009 година) и во Измир во категорија на јуниори (2010 година), со што е првиот македонски спортист кој има европски титули во три различни возрасни категории.
Македонските претставници на ова натпреварување освоија уште две медали – бронзени. Моника Пендаровска во кадетска конкуренција, како и Виктор Крстевски во конкуренција на јуниори.
– Задоволна сум од постигнатиот резултат со оглед на тоа што за првпат настапувам на едно ЕП. Овој медал многу ми значи како мотив за понатамошна работа и успешни резултати, рече Пендаровска.
Крстевски изрази надеж дека на подиумот ќе се искачи и на следните големи натпреварувања, а шанса за потврда на квалитетот кој го поседува ќе има на СП во младинска конкуренција кое годинава ќе се одржи во Шпанија.