Лука Дончиќ има вистинска шанса да напише историја на НБА „Натпреварот на ѕвездите“. Словенечкиот тинејџер, кој не престанува да импресионира во дебитантската сезона во дресот на Далас Маверикс, има близу 680.000 гласа при првиот попис на гласањето на навивачите, a од играчите на неговата позиција во Западната конференција повеќе собра само Леброн Џејмс – малку над 1 милион.
Ако нештата продолжат да се развиваат со слично темпо, 19-годишниот Словенец има реална шанса да го смени Јанис Адетокумбо, кој во моментов го држи врвот за најмлад странски играч, кој почнал како стартер во ѕвезденото шоу. Во 2017 година, крилото на Милвоки го започна „Ол Стар“ натпреварот со 22 години, 2 месеци и 13 дена.
Овогодинешниот дуел е на 17 февруари, кога Дончиќ ќе биде стар 19 години, 11 месеци и 20 дена. Освен тоа, Лука би се наредил до Коби Брајант кој запиша учество во престижниот натпревар како тинејџер. Коби дебитираше во „Натпреварот на ѕвездите“ во 1998 година, кога беше на 19 години, 5 месеци и 16 дена и до денес останува единствениот играч под 20-годишна возраст, кој играл во дуелот.
Дончиќ беше избран за „Дебитант на месецот“ во Западната конференција за декември, постигнувајќи по 21,1 поени, 6,4 скока и 6,1 асистенции по натпревар, а во четири од случаите завршуваше со „дабл-дабл“. Просечните индикатори на Дончиќ во текот на целата сезона се 19,5 поени, 6,6 скока, 5,0 асистенции и 1,1 украдена топка.