Оваа генерација има историска шанса да му стави крај на едно неславно владеење, на една група луѓе кои со лага и измама запоседнаа фотелји. Една група луѓе која многу брзо ќе види што значи народот и народот ќе им го покаже вистинското место, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот протест пред Владата.
– На следните парламентарни избори ќе ви покаже народот дали наместените анкети се вистинската слика за Македонија. Минатата недела во Велес поминавме прекрасно, во градот на Рацин и Гемиџиите, ми се случи еден пех, го објавуваа по сите портали, се смееја, ги разбирам, не знаат што е емоција, не знаат што е сентимент, но за мене и овие луѓе овде тоа е љубов и емоција и се вика Република Македонија, порача Мицкоски.
Тој порача дека тие се таму и ќе останат пред Владата се додека не ги видат тие, како што рече, натрапници да ја напуштат зградата.
– Некој ми вели доста за економија зборува, се распаѓа државата. Не се распаѓа државата, затоа сме ние тука ширум улиците на нашата мила Македонија. Борбата штотуку почна и нема запирење додека не ги поразиме, рече Мицкоски.
Тој ги повика неговите поддржувачи заедно и сложно да изборат победа на претседателските избори во април.
– Во април доаѓа големата победа која што ќе најави предвремени парламентарни избори кога народот ќе си дојде по своето, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека власта ќе ја стигне казната за тоа што ѝ го направија на Македонија и на македонскиот народ.
Тој од пред Владата повторно го повика премиерот Зоран Заев на ТВ дуел.
„Бирај време, бирај место, бирај медиум. Јас и ти тет-а-тет пред Нова година да си кажеме што имаме“, му порача Мицкоски на Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе гласаат за секој оној кој што може да се спаси од политики прогон. „Ова што го прави овој афрички монарх е политички прогон и ќе се бориме до последниот човек без разлика дали е пратеник или уметник или обичен граѓанин“, рече Мицкоски.
Тој рече дека патот нема да биде лесен и едноставен но мора да се изоди поради децата и внуците.
– На следните избори ќе ви покажеме што значи гневот на народот, вие снимајте, нема да се повлечеме, рече Мицкоски.