Членот на босанското претседателство Бакир Изетбеговиќ изјави дека БиХ сака да ги нормализира односите со Србија, но некои „тешки зборови“ го враќаат дијалогот на почетна позиција и го забавуваат процесот.
Тој нагласи дека ваквата ситуација му е посебно непријатна, бидејќи имал добри разговори и со српскиот претседател Томислав Николиќ и со премиерот Ивица Дачиќ.
– Тоа помина малку незабележливо, но со Николиќ разговарав во Њујорк додека чекавме да бидеме примени од американскиот претседател Барак Обама. Николиќ е отворен и искрен човек, но сметам дека интелектуалците во Србија, а посебно шефот на државата, треба поради подобрувањето на односите да водат сметка за изјавите, во кои зборуваат за чувствителни теми, истакна Изетбеговиќ.
Тој потсети на неколку изјави на Николиќ во врска со Сребреница, Ратко Младиќ и иднината на Босна, кои ги оцени како „студени и штетни“.