Специјален статус и поделба на Косово не се теми на разговорите меѓу премиерите на Косово, Хашим Тачи, и на Србија, Ивица Дачиќ, изјави за весникот „Коха диторе“ заменик премиерот на Косово, Хајретин Кучи.
-Специјалниот статус и поделбата не се тема на расправата. Темата е остварување на полниот суверенитет на Косово и во тој дел од нашата територија, рече Кучи.
Кучи изјави дека во следната, петта, рунда од средбите меѓу двајцата премиери, на 19 и 20 февруари, главна тема ќе биде расформирање на паралелните структури на Србија на северот на Косово.
Тој додаде дека понудата на Тачи за северот на Косово ќе биде во рамки на уставните решенија и планот на меѓународниот посредник Марти Ахтисари.
-Само треба да се создадат услови за имплементација на тоа што е предвидено со Уставот и планот на Ахтисари. За тоа што е надвор од Уставот и планот на Ахтисари не можеме да разговараме, рече Кучи.