Република Македонија се празни како никогаш во историјата. Цели семејства се иселуваат, цели општини буквално исчезнуваат. Се селат огромен број на луѓе и тоа веќе ги засега стотици и стотици илјади граѓани на Република Македонија. Иселувањето од Македонија е директна последица на економскиот дебакл на економскиот тим на Владата на Зоран Заев, Кочо Анѓушев и Драган Тевдовски, рече Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
– Ја повикуваме Владата веднаш, час поскоро да закаже итна седница на Владата посветена на иселувањето, посветена на исчезнувањето на Македонија, посветено на катастрофалната економска, демографска и секакво друга ситуација во еден куп општини во Република Македонија. Ова е буквално алармантна состојба, а гледаме дека Владата буквално ништо не презема. Уште еднаш овој невиден досега во историјата на Македонија егзодус, иселување од Македонија е директна последица на тоталниот дебакл на економските политики на Зоран Заев, Кочо Анѓушев, Драган Тевдовски и министрите за странски инвестиции кои што имаат цели кабинети, возила и сите удобства а имињата не им ги знаеме. Една инвестиција не донесоа, едно ново место работно не отворија, рече Ѓорчев.
Тој додаде дека поради тоа заминуваат млади.
– Народот ни се топи како снег во април, исчезнува државата. Ако нема народ, а очигледно дека ни снемува народ не може да има економија, не може да има пензиски систем, не може да има ни школски систем , не може да има ни здравствен систем, нема да има ни потрошувачи, нема да има ништо, туку буквално мртвило. Тоа се тие црнила за кои што зборуваме. Наместо живот донесоа егзодус и невидено, досега невидено иселување од Македонија, рече Ѓорчев.
Тој повтори дека бројките се поразителни и дека секој може да се согласи оти ситуацијата е алармантна.
– За крај да го резимирам ова, би кажал уште една порака. Откако Зоран Заев и неговите министри се избрани за премиер, министри, директори, и сето она што го окупираа како власт во Република Македонија, потрошени се повеќе од 5 милијарди евра буџет. Досега се потрошени повеќе од 5 милијарди евра, за следната година го имаат навестено и драфтирано, предложено најголемиот буџет во историјата на Република Македонија, 3,7 милијарди евра. Ниедна Влада, 70 години наназад не исцедила и нема да исцеди повеќе пари од граѓаните и стопанството. Истовремено една шајка не е закована, една бандера не е направена. Досега се потрошени повеќе од 5 милијарди евра. Што е направено? Навестуваат 3,7 милијарди евра дека ќе потрошат, најголем буџет во историјата на Македонија, ништо нема навестување дека ќе се направи. Парите се трошат, а тоа завршува во олигархијата која што очигледно во Македонија во моментов се создава, рече Ѓорчев.
Тој заклучи дека резултатот е иселувањето, небиднина, црнила.
– Македонија, цели региони буквално биолошки и физички ги поклопува мртвило со училиштата што се затвораат, со семејствата што си заминуваат, со куќите кои што се празнат. Уште еднаш апелираме, Владата треба да преземе итни мерки. Владата на Заев веднаш да закаже итна седница на Владата посветена на ова, затоа што се работи за алармантна состојба, и втора работа веднаш час поскоро да бидат разрешени министрите кои што имаат тотално економско фијаско и економски дебакл. Тоа се министрите Анѓушев како вицепремиер, министерот Тевдовски и министрите за странски инвестиции на кои што имињата не им ги знаеме , не донеле ниедна инвестиција, а имаат цели кабинети и одделенија под нив, рече Ѓорчев.