Најпознатиот и највлијателниот џез-магазин „Даунбит” (DownBeat) во својот најнов јануарски број го вброи актуелниот албум на Крсте Роџевски „The Rabbit and the Fallen Sycamore” во својата листа на најдобри албумски остварувања во 2018 година.
На листата се и последните албумски објави на Брајан Ино, Вадада Лео Смит, Дејв Холанд, Џо Ловано и Дејв Даглас, Бред Мелдау, Џошуа Редман, Камаси Вошингтон, Ник Барч Ронин, Метју Шип и други познати џез-музичари.
Третиот студиски проект на Роџевски имаше блескави критики и рецензии и во други влијателни музички списанија, како: „Вајр“ (WIRE), „Стереогам“ (Stereogum), „Ол абаут џез“ (All About Jazz), „Џез корнер“ (Jazz Corner), „Џез викли“ (Jazz Weekly), „Авант мјузик њуз“ (Avant Music News), „Бродвеј ворлд“ (Broadway World)…
„The Rabbit and the Fallen Sycamore” е третиот дел од трилогијата „Апоптоза“ (Apoptosis) на Роџевски, по првенецот „Batania” и следниот „Bitter Almonds”. Како и претходните два, албумот го издаде „Much Prefer Records’, го продуцираа Тома Фуџивара и Крсте Роџевски, а го миксаше Бил Ласвел. Во екипата музичари на оваа плоча предводена од Роџевски се Мери Халворсон (гитара), Крис Дејвис (пијано), Ингрид Лауброк (саксофон), Брајан Драј (тромбон), Мајкл Бланко (бас) и Тома Фуџивара (тапани).
По њујоршката промоција, „The Rabbit and the Fallen Sycamore” ќе биде претставен и во Скопје, задутре (19 декември) во кафе „Винил“ од 21 часот.