Владата на Република Македонија на денешната, 109-та седница, го усвои Дополнетиот Предлог – Буџет на Република Македонија за 2019 година, усогласен соодветно на амандманите што произлегоа од расправата за буџетот во Собранието на Република Македонија.
Согласно амандманите кои дојдоа од владејачкото мнозинство и од опозицијата во собраниската амандманска расправа, во Предлог Буџетот за 2019 година се направени дополнувања на буџетски износи во програмите за заштита на животната средина, со фокус на мерките за почист воздух, на локалната инфраструктура и на програмите за развој на планските региони, како и на зголемување на буџетската поддршка за работата на дел од министерствата, агенциите, управите и други органи на државната управа.
Соодветни интервенции по собраниската амандманска расправа за дополнителни буџетски износи се направени и за дел програмите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
На денешната седница на владата се утврдени и насоките за нивелирање на платите во културата за што активностите треба да започнат од јануари 2019 година, согласно буџетската динамика во претстојната година.
Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2019 година се планираат на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на ниво од 228,5 милијарди денари. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5% од БДП или 17,7 милијарди денари во апсолутен износ.
Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021, која на денешната седница на Владата на Република Македонија беше усвоена како информација и која заедно со конечниот дополнет предлог за Буџет за 2019 година, ќе се испрати на усвојување во Собранието на Република Mакедонија.