Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека никогаш не би ја ставил Европа пред барањата на францускиот народ, а тоа го порача неколку дена откако најави скапи мерки за да ги смири протестите поради зголемување на даноците, и кои ќе го зголемат буџетскиот дефицит на Франција.
– Ниту една земја не може да напредува ако не го сослуша легитимниот гнев на својот народ, гнев кој се изразува секаде во Европа, рече Макрон пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел.
Францускиот претседател нагласи дека „верува во европскиот проект, но оти никогаш нема да го спроведува против стремежите кои ги смета за легитимни“.
– Сметам дека тие две работи можат да се помират и тоа настојуваме да го постигнеме, заклучи Макрон.
Намалувањето на даноците и другите мерки што ги предложи за да го смири гневот на „жолтите елеци” веројатно ќе го зголемат францускиот буџетски дефицит до ниво кое го надминува прагот на Европската комисија од три отсто од БДП, оценуваат локалните медиуми.