Промоција на збирката раскази „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска

Од:

Петок, во 20 часот и 30 минути во киното „Фросина“ во МКЦ Скопје, ќе се одржи промоцијата на новата книга од Румена Бужаровска, збирката раскази со сигнификативен наслов „Не одам никаде“. По успехот со третата збирка раскази „Мојот маж“, која беше преведена на неколку јазици и имаше завидна балканска промоција, ова е четвртата книга со раскази на авторката, или вкупно 166-иот наслов во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, чии промотори ќе бидат Ирена Цветковиќ и Магдалена Хорват, по што ќе следи дружба со музиката на ди-џеј Ненад Тонкин.

Најновото прозно дело, збирката раскази „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска е своевидно продолжување и надоградување на веќе препознатливиот содржински и стилски раскажувачки манир на оваа современа македонска писателка. Оваа книга, составена од седум раскази, на извноредно прецизен и прониклив начин претставува остар и реалистичен, но истовремено суптилен и често трогателен приказ на современата македонска реалност. Имено, преку мајсторското прикажување на многу комплексни меѓучовечки односи – семејни, пријателски и професионални – авторката гради слика на македонското совремие, истовремено прикажувајќи како општеството со своите наметнати патријархални, но и политички и социо-економски матрици, се отсликува во најинтимните јадра на човековите релации. Заебележително е што во овие раскази преовладува темата на економската миграција и растурените меѓучовечки односи што таа ја предизвикува, како и комплексот на инфериорност кон западниот свет.

Во ова дело на Бужаровска гледаме продолжување на северно-американската традиција на раскажување, на автори како Елис Манро (со кого неслучајно Бужаровска ја спореди критичарот Теофил Панчиќ), но присутна е и минималистичката, хипер-реалистична традиција на раскажување на Рејмонд Карвер, како и насилно-епифаниската нишка присутна кај Фланери О’Конор. Сепак, Бужаровска гради изразито сопствен, сликовит, реалистичен, но и хумористичен стил што ќе остане забележан во македонската раскажувачка традиција, во која оваа авторка веќе го остави својот печат.

Румена Бужаровска (1981, Скопје) е авторка на збирките раскази Чкртки (2007), Осмица (2010) и Мојот маж (2014), книгичката мали фикции Спиј (2017), како и студија за хуморот во книжевноста За смешното: теориите на хуморот низ призмата на расказот (2012). Се занимава со книжевен превод од англиски на македонски (Луис Керол, Џ.М. Куци, Труман Капоти, Ричард Гвин, Чарлс Буковски). Во 2016 година беше избрана за еден од најинтересните писатели во Европа (Ten New Voices of Europe) во рамките на платформата Literary Europe Live. Добитничка е на хрватската регионална награда за кратка проза „Едо Будиша“. Во 2018 година беше стипендистка на Меѓународната програма за писатели при Универзитетот во Ајова. Таа е една од организаторките и иницијаторките на ПичПрич – платформа за раскажување женски приказни. Предава американска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.

Би можело да ве интересира

Рациново признание за Фросина Пармаковска

Две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“ во МКЦ

Предраг Петровиќ

Промоција на новата книга на Румена Бужаровска, „Господ, па Америка“

Предраг Петровиќ

Костадиновска Стојчевска: Да се одложат одредени проекти во МКЦ додека да се реши статусот на хонорарците

Синдикатот на МКЦ бара надлежните институции да најдат решение за хонорарно ангажираните лица

Горан Наумовски

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски