Медиумската писменост бара плодна почва во општеството. Невозможно е медиумска писменост во општество во кое медиумите се корумпирани, уценети и купени од политички елити. Ова го изјави Роберт Поповски, министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност на денешната 14-та меѓународна конференција на тема „Медиумски писмени граѓани за отчетни институции“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“.
-Како силни застапници на концептот „отворена Влада“ што во себе ги обединува комуникациите, транспарентноста и отчетноста, постојано имаме предвид да создаваме услови за да бидат исполнети функционално трите идеални улоги на медиумите што можат да имаат огромно влијание врз доброто владеење, транспарентноста и одговорноста, рече Поповски.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски смета дека дигитализацијата е една од главните механизми за институцијата да биде потранспарентна, поотчетно да работи, но и граѓаните да добијат поголема можност да бидат контролен механизам на самите институции.
-Во денешно време новите технологии и дигитализацијата овозможуваат и многу поголемо учество на граѓаните во креирањето на политиките, така што овој тип на конференција особено тоа што Метаморфозис го прави навистина им помага на институциите со анализите и со дебатите кои ги имаат. Заклучоците од дебатите ни даваат насока на каде да се движиме во напорите за дигитализација. Тоа е прилично скап потфат што ќе трае и затоа мора да ги имаме сите информации и да имаме максимално можен консензус меѓу сите чинители во општеството за да бидеме ефикасни во овој поглед, рече Манчевски.
Министерот Манчевски го најави новиот портал за отворени податоци, кој е завршен, а денеска го промовираат на седница на Влада.
Извршната директорка на Фондацијата отворено општество- Македонија Фани Каранфилова- Пановска посочи дека младите многу тешко имаат вештини и знаат како да ги верификуваат и да ги потврдуваат податоците и информациите до кои што доаѓаат. Информираше дека Институтот отворено општество- Софија спроведе истражување каде што биле анализирани 35 држави (28-те членки на ЕУ, петте држави од Западен Балкан, Турција и Исланд), а кое покажало дека Македонија на скалата за медиумска писменост е на последното 35-то место.
Според Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Македонија граѓаните треба да научат како да слушаат различни мислења, како да дебатираат со различни мислења, а не со личноста која ги искажува тие мислења. Тој смета дека правото на информации и правото на изразување е исто така дел од демократијата. Денеска, како што наведе, ЕУ финансира неколку проекти, а два се дел од овој настан.