Активистката Моника Ристеска денеска на првото судско рочиште беше осудена на две години условна казна за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Ристеска призна вина, посочи дека се кае и вети нема повторно да го стори кривичното дело или друго кривично. Условната казна од 2 години затвор ќе и се изрече доколку во наредните 5 години таа стори друго кривично дело.
„Се чуствувам виновна за делото кое ми се става на товар. Точно е она што е наведено во обвинителниот акт. Во перидот од 2017-2018 година неовластено држев и продавав марихуана и хашиш смола, на начин како што е наведено во обвинението. Премногу се каам за тоа што го направив. Се заколнувам и ветувам дека никогаш нема да го направам истото и да сторам вакво кривично дело. Се каам од дното на моето срце и душа, за делата кои сум ги сторила. Најмногу сакам да се извинам на државните институции, а најмногу на судот, на ЈО, на полицијата, на моето семејство и сите мои мили сограѓани кои се почуствувале трогнати поради моите непромислени вулгарни постапки“, изјави Ристеска.
На активистката за легализација на марихуаната, Моника Ристеска, во месец октомври ѝ беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, а таа на денешното рочиште посочи дека деновите во затворот Скопје за неа биле тешка лекција која ја променила како личност.
„Притворот во затворот Скопје за мене беше тешка лекција која целосно и темелно ме промени како личност. Мојот разум се избистри и ги сфатив моите грешки. Сфатив дека тоа што го правев беше нескладно со мојата возраст и интелект, но и образование. Сфатив дека мојата најголема желба е да продолжам со нормален живот како порано, да оформам семејство, да се вработам, да го завршам вториот фактултет. И бидејќи се сметам за хуманитарец и личност која сака да помага на луѓето, интелектуалец, сметам дека многу можам да допринесам на нашата заедница и општество. Вината ја признавам доброволно, сама, не присилена од никого“, посочи Ристеска за време на рочиштето.
Нејзиниот адвокат Јанаки Митровски за време на рочиштето посочи дека тој смета дека 63 ноќи во затворот во Шутка воспитно влијаеле врз обвинетата, каде размислила како ќе се санкционира ако не престане со нејзиното девијантно однесување.
„Никој не завршил со штетни последици по здравјето од нејзиното однесување. Обвинетата има две дијагнози, личност со битно намалена пресметливост, а во минатото кога девијантно се однесувала имала раскинати врски со семејството, предлагам на судот да изрече алтернативна мерка, условна осуда и задолжително психијатриско лекување на слобода за обвинетата да го корегира своето однесување и воспостави својата врска со семејството чија поддршка и е потребна“, вели нејзиниот адвокат.
Јавното обвинителство покрена обвинине оти осудената во текот на минатата и оваа година, со умисла извршила дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на истото дело. Притоа, Ристеска неовластено кај себе држела, преработувала и продавала марихуана и хашиш смола.
На денешното рочиште Јавниот обвинител Јован Серафимовски рече дека со оглед дека Ристеска во целост го признала кривичното дело, јавниот обвинител нема да се осврне на материјалите и вербалните факти.
„Предлагам обвинетата да биде прогласена за виновна и да и изрече санкција предвинена со член 39 од КЗ, со која воспитно ќе се влијае. ЈО потенцира дека презентирањето на своето видување на настаните укажа најискрено каење кое што беше презентирано со емотивен навој и кој укажа дека обвинетата како млада личност високо образована згрешила и дека во иднина нема да се повтори. ЈО го прифаќа искреното презентирање на своето видување, па предлага на судот да обврне особено внимание на санкцијата поради овие околности“, посочи обвинителот Серафимовски.
Сите страни се откажаа од правото на жалба и од овој момент е на слобода.
Кристијан Ландов