Микаела Шифрин (САД) освои втора по ред Супер-Џи трка, дел од Светскиот куп во ски-алпски дисциплини. Дваесет и три годишната Американка ја постигна својата прва победа во оваа дисциплина во канадскиот зимски центар Лејк Луис пред една недела, а денеска беше најбрза и во швајцарскиот зимски центар Сент Мориц.
Шифрин заврши за 1:11.30 минута и стигна до четврти успех сезонава и 47-ми во кариерата за Светскиот куп. Втора во Сент Мориц остана претставничката на домаќините Лара Гут-Бехрами со заостанување од 0,28 секунди. Трета е Тина Вајратер од Лихтенштајн на 0,42 секунди по победничката.
Шифрин е на чело во генералниот пласман за Светскиот куп со 589 поени, следена од Швајцарката Мишел Гизин со 296 и Рагнхилд Мовинкел (Норвешка) со 264 поени.