Отворена изложбата „Парижанка во Делчево“ од уметникот Лена Ѓуриќ

Од:

Ликовната приказна „Парижанка во Делчево“, насликана на 31 слики со техника масло на платно денеска беше презентирана пред делчевската публика. Со денешната изложба како што истакна авторката Лена Ѓуриќ се заокружува ликовната приказна која беше претставена во повеќе градови низ Македонија.

-Ми претставува задоволство што денеска сум прв пат во градот кој според мене има посебна душа кога е во прашање уметноста, што се гледа и од самиот интерес за мојата изложба која е насловена „Парижанка во Делчево“. Изложбата содржи избрана колекција од моето творештво во изминативе 10 години. Планирам да ја продолжам мојата ликовна приказна секаде низ Македонија, бидејќи моето творештво, како и позитивната реакција кај публиката, ми дава душевна сатисфакција, рече Ѓуриќ.

Ѓуриќ која е родена во Свети Николе, трисетина години од својот живот ги поминува во градот на светлината Париз, каде ги впива креативните енергии на најголемите светски репрезенти на уметноста. Париз е и местото, каде нејзиниот талент за уметност се развива и станува реалност. Последниве години, Лена живее и твори во Штип. На сликарското платно, таа овековечува портрети, жива и мртва природа.

Досега, богата колекција од ликовни дела на Ѓуриќ се изложувани низ повеќе градови во Македонија, како Штип, Битола, Струмица, Радовиш, Виница, Свети Николе, Берово, Скопје.

Ликованата изложба „Парижанка во Делчево“ е во рамките на чествувањето на ликот и делото на Св. Климент Охридски, а е во организација на Општина Делчево, НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и делчевското основно училиште „Св. Климент Охридски“ кое со оваа изложба ги збогатува активностите за одбележување на патронот на училиштето.

Изложбата ќе биде отворена до новогодишните празници.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска