Надзорниот одбор на германската информативна агенција „Дојче пресе агентур“ (ДПА) повика за подобра заштита на новинарите, исправени пред растечкиот број напади за време на работа, информира ДПА.
На последниот состанок во северниот пристанишен град Хамбург, НО едногласно усвои резолуцијата за заштита на слободата на новинарите при известување од настаните во Германија.
-Надзорниот одбор на ДПА бара – со заедничка согласност и емпатија – почитување на заштитената со закон слобода на печатот и честа и интегритетот на новинарите, соопшти Надзорниот одбор.
На членовите на Надзорниот одбор им било укажано за „зголемувањето на личните непријателства, употребата на клевети и физички напад врз фоторепортери и новинари на агенцијата, особено во Источна Германија, но исто така во области на Западна Германија”.
Надзорниот одбор на најголемата новинска агенција во Германија ја критикува полицијата и органите за безбедност дека не интервенирале во тие случаи.
Главниот уредник на ДПА и претставници на вработените во агенцијата пред тоа го информирале Надзорниот одбор за континуираната растечка несигурност за новинарите, особено во источногерманска провинции.
Надзорниот одбор на ДПА ги повика полицијата, властите и политичките претставници во регионалните парламенти и влади јасно да го осудат овој вид насилство. Одборот, исто така, побара да се стави крај на пречките за новинарската работа и конкретна заштита на новинарите на јавни настани, како што се демонстрациите.
Со резолуцијата, Надзорниот одбор испраќа јасен сигнал пред состанокот закажан за 18-ти декември, на кој медиумите и професионалните здруженија треба да се состанат со органите за безбедност во рамките на конференција на министрите за внатрешни работи на германските провинции.
Надзорниот одбор на ДПА претставува 180 германски медиумски компании, кои имаат акции во ДПА.