Францускиот претседател Емануел Макрон се спротивстави на повторното воведување на данок на богатство, соопшти Елисејската палата.
– Ние нема да поништиме ништо што е направено во изминатите 18 месеци, рече Макрон.
Пред тоа, државната секретарка за родова еднаквост Марлен Скјап изрази подготвеност за „враќање на данокот на богатство” ако се покаже дека данокот, кој го заменил, не е доволно успешен.
Данокот на богатство, чие враќање е едно од барањата на протестното движење „жолти елеци”, на почетокот на 2018 година, е трансформиран во данок на скапи недвижности. Тој данок е едно од предизборните ветувања на Макрон и се фокусира само на недвижен имот, а го плаќаат домаќинствата чиј недвижен имот вреди повеќе од 1,3 милиони евра.
Францускиот Парламент пред една година најави создавање на „проценувачки тим” задолжен за мерење на ефектите од реформата „во смисла на инвестиции во компаниите” и „прераспределба на богатството”.
Владиниот портпарол Бенжамин Гриво денеска изјави дека „таа тема не е на дневен ред” и побара „18 до 24 месеци за мерката да ги покажат своите ефекти”. Според него, „ако нешто не оди, никој не е идиот, тоа ќе биде променето”.
Премиерот Едуар Филип изјави дека Парламентот нема да расправа за данокот на богатство.