Бутел вечерва повеќе од три часа е под сообраќајна блокада. Педестина граѓани ја блокираат крстосницата на улиците Босна и Хереговина и Александар Урдаревски во близина на поранешните судски бараки, оти трет ден се без струја.
Се жалат дека постојано имале прекини во снабдувањето, но откако три дена ЕВН воопшто не им пуштиле струја решиле да излезат на улица и преку блокади да направат притисок на претпријатието.
Протест на жители од Бутел – три дена немаат струја
Протест на жители од Бутел – три дена немаат струја
Posted by A1on.mk on Вторник, 04 декември 2018
„Ќе останеме цела ноќ, а блокадата ќе продолжи и утре. Нема да дозволиме никој од овде да помине. Луѓето на Марс одат, а ние три дена живееме без струја. Имаме семејства, мали деца, болни луѓе“, револтирани се граѓаните.
Струја немаат околу 120 куќи во близина на Градските гробишта Бутел. Протестирале и вчера, пред пунктот на ЕВН во Бутел, но без блокада на сообраќајот.
Откако не издејствувале да им биде пуштена струја и вечерва во 18 часот излегле на протест прво пред пунктот на ЕВН, а од 20 часот ја блокираат крстосницата.
Со триесетина коли блокирани се сите пристапи до оваа крстосница, а полиција го регулира сообраќајот на сите околни улици.
Полицајците велат дека протестот бил најавен. Тие вечерва трпеливо им објаснуваат на сите возачи дека е невозможно да ја минат крстосницата и ги пренасочуваат по други улици.
Маја Илиевска-Пачемска