Министерството за труд и социјална политика го честита Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември и воедно информира дека во Специјалниот завод „Демир Капија“ нема веќе деца до 18 години. Денеска, од Демир Капија заминува и последната група деца со попреченост кои ќе бидат сместени во мал групен дом во Скопје каде ќе добијат 24- часовна поддршка од лични асистенти со специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани. Близината на локалната заедница ќе им овозможи полесно и побрзо да се вклопат во општеството. Со овој процес сите деца до 18 години се извадени од Специјалниот завод „Демир Капија“.
Претходно од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени две групи деца. Едната е сместена во малиот групен дом во Тимјаник, а другата во Неготино.
Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да работи на процесот на деинституционализација. Пред неполни три месеци целосно беше трансформиран и Домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучено во редовниот образовен процес.
До крајот на година целосно ќе се трансформира и домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Дел од децата ќе одат во згрижувачки семејства, а дел од нив во 4 мали групни домови во Скопје.
Заложбите на МТСП и на Владата се до 2020 година ниту едно дете под 18 години да не остане во институциите и целосно да го промени начинот на којшто државата се грижи за децата и возрасните коишто им е потребна долгорочна социјална грижа.
Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија. Наместо досегашните безлични и гломазни установи за колективна грижа, со овој процес се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот, со што се јакнат лицата да го поттикнуваат своето активно учество во средината кадешто живее.