Владеачкото мнозинство и осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои дадоа виза за отворање на Уставот, во оваа втора фаза од уставните измени малку се порелаксирани. За изгласување на нацрт-амандманите се потребни 61 пратеник. И премиерот Заев и спикерот Џафери се оптимисти, велат реално, дека наместо максимално предвидените 12 дена, оваа фаза ќе заврши побрзо. И денес и утре за пратениците е работен ден. Напоредно со почетокот на седницата почнува и протестот пред Собранието на „Македонија Блокира“.
Вистинската битка ќе се води кога во јануари ќе се дебатира и гласа за финалната верзија за што е потребно дво третинско мнозинство или 80 гласови од пратениците. СДСМ се убедени, бројката на поддржувачи ќе се зголеми, ВМРО-ДПМНЕ се убедени во верноста на овој дел од пратеничката група, иако има најави, но не потврдени, за нејзино ситнење.
Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО.
Заради усогласување на текстот на Преамбулата со Договорот со Грција, во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно се внесува Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ. Исто така, во Преамбулата се споменува и Охридскиот рамковен договор, кој веќе е вграден со уставните амандмани од 2001 година.
Република Македонија и Грција се обврзаа да го почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата држава и да не поддржуваат какви било активности на трети страни насочени против суверенитетот, територијалниот интегритет или политичката независност на другата држава.
Со новиот уставен амандман XXXV кој се предлага се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.
Согласно Договорот, Република Македонија и Грција се обврзаа ниту една одредба од Уставот, да не може или не треба да се толкува на начин кој претставува или кога било ќе претставува основа за мешање во внатрешните работи на другата држава, во каква било форма или заради каква било причина, вклучително и заради заштитата на статусот и првата на кои било лица кои не се нејзини граѓани.
Со уставниот амандман XXXVI се потенцира обврската на Република Македонија за заштита, гарантирање и негување на историското и културното наследство на македонскиот народ. Исто така, со амандманот се гарантира заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. Во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Амандманите ќе стапат во сила со денот на ратификација на Спогодбата и Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Парламентот на Република Грција. Во случај на невлегување во сила на овие два документи, нема да влезат во сила ниту предвидените амандмани.