„Го сакам Водно“ побараа итно носење на специјален закон за заштита на Водно

Од:

Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ бара итно да се донесе специјален закон со кој заштитата на Водно нема да зависи од постапката на ревалоризација со која ќе се тргне заштитата од најголемиот дел, туку ќе се заштити перманентно секое дивеење и злоупотреба на планината. „Водно нема време за чекање на евалуации и експертизи, од кои на крај ќе остане незаштитено и целосно раскопано“, порачаа од „Го сакам Водно“.

Од таму велат дека градоначаликот на Град Скопје, Петре Шилегов, ветил специјален закон за Водно, но нема ништо од тоа, а самоволието на падините продолжува.

„Град Скопје демантира дека е пробиен пат на Водно, негира поврзаност на мистериозниот пат низ Водно со гасоводната траса на која се работи, објаснувајќи дека се работи за ’постоечка патека/пристапен пат до постоечки имоти (ниви) кој изминатиов период е исчистен (порамнет)’. Многу интересно е што баш сега, пред почеток на зимата, по години и години оставен ’непорамнет’, патот наеднаш се срамнил за сопствениците на нивите да дојдат до нив и ги работат. Се прашуваме што ги навело баш сега на вакво потег? Да не им текнало пченица да садат? Патеката/патот на google earth преку сателитските снимки што ги прават неколкупати годишно не може да го видите ни годинава, ни лани, ни изминатите години, има зеленило на негово место“, велат од „Го сакам Водно“.

Активистите велат дека од Градот Скопје навеле дека патот водел до ниви и затоа се исчистил и порамнил.

„Би сакале да потенцираме дека на тој потег, најблиската нива се наоѓа на 600 метри воздушна линија од новопробиениот пат. Нива надвор од населено место, а во граници на парк-шума Водно не смее да се обработува, што значи пристапен пат до неа е излишен.

За секаква активност во границите на парк-шумата Водно, особено за порамнување на пат, за отстранување на гранки, грмушки, како што самите навеле, потребно е одобрение од самите нив, Град Скопје. Поседување на уредна согласност издадена од страна на општина Сарај за оваа активност нема значење кога станува збор за парк-шума Водно, каде надлежност има Град Скопје“, велат од граѓанската иницијатива.

Од таму велат дека мора да се запре со префлање на топката помеѓу градот и општините, извртување на законите, со сивите зони на нерегулирано делување.

„За спречување на ваквите самоволија, бараме најитно носење на законот за Водно, но како Lex specialis, специјален закон со кој заштитата на Водно нема да зависи од постапката на ревалоризација со која ќе се тргне заштитата од најголемиот дел, туку со специјален закон ќе се заштити перманентно секое дивеење и злоупотреба на Водно. Водно нема време за чекање на евалуации и експертизи, од кои на крај ќе остане незаштитено и целосно раскопано.

На Водно му се потребни дополнителни средства и човечки капацитети. Потребна е совесна служба, добро екипирана и со соодветна опрема за справување со секакви кризни ситуации и 24-часовна контрола на планината. Јасен список на дозволени и недозволени работи кој стриктно ќе се почитува. И конечно, јасно означени граници. Границите кои ги бараме со години, ќе мора да ги поставите, без одлагање. Градоначалникот Петре Шилегов вети ваков специјален закон за Водно, а со оглед на самоволието кое продолжува и трае на падините на Водно, бараме негово најитно носење“, порачаа од „Го сакам Водно“.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Снег на Водно, во неколку града и во скијачките центри

Катерина Ѓуровски

Ангелов: Пожари на две места на Водно и искршено стакло на продавница

Томески: Изгаснат е пожарот во планинарскиот дом на Водно

Пожар во планинарскиот дом на Водно

Горан Наумовски

Момче и девојче повредени во сообраќајка на Водно

Горан Наумовски

Три девојки синоќа барале помош од ЦУК, наишле на диви свињи на Водно