Неколку стотици граѓани на Приштина денеска протестираа пред „Косовската електроенергетска корпорација“ (КЕК) поради добиените високи сметки за струја за минатиот месец.
Учесниците во протестот извикувале „Крадци, Крадци, долу КЕК“, а иако барале пред нив не се појавил никој од раководството на електроенергетската компанија.
Граѓаните барале цената на струјата да не се зголемува во следните месеци, како што тоа е предвидено со планот на КЕК.
Од протестите е побарано компанијата да ги повлече и уште еднаш да ги разгледа сите сметки од минатиот месец, струјата да не им се исклучува на оние кои не се во состојба да ја платат оваа сметка и Обвинителството да започне истрага за овој и претходните случаи на злоупотреба и за тоа редовно да ги информира граѓаните на Косово.
Доколку овие барања не бидат исполнети, демонстрантите најавија насилни протести за в понеделник.