Убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги не смее да биде игнорирано, само заради зачувување на трговиските врски со Саудиска Арабија, изјави во Вашингтон турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.
– Не е можно да кажеме: Ќе ја зајакнеме трговијата, па да го оставиме тоа, да го игнорираме, истакна Чавушоглу во изјава за турските новинари кои го придружуваат при престојот во САД, по неговата средба со американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Чавушоглу истакна дека соработката на Турција со Ријад во врска со истрагата за убиството на Кашоги не е на „саканото ниво“.
Тој нагласи дека ако истрагата на Саудиска Арабија за убиството западне во ќор-сокак, Турција ќе бара покренување меѓународна истага за случајот.
Кашоги, кој беше новинар на „Вашингтон Пост“, познат по своите критички текстови за властите во Ријад, беше убиен на 2 септември во Саудискиот генерален конзулат во Истанбул.
Осврнувајќи се на американските критики на набавката на руските противракетни системи С-400 од страна на Турција, Чавушоглу изјави дека тој договор не може да биде откажан, но нагласи дека на Анкара и требаат уште одбранбени оружја, па би можела да купи нешто и од САД.
– Актуелниот договор (со Русија) е завршена работа. Не можам да го откажам. Но, потребно ми е уште оружје и повеќе би сакал да купувам од моите сојузници, истакна Чавушоглу.
Турската набавка на руските ракетни системи С-400, кои не се вклопени во одбранбениот систем на НАТО, наиде на критики од страна на САД и на некои членки на Алијансата.