МЕПСО додели две стипендии на студентки на насоката за електроенергетски системи на Техничкиот факултет при универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.
На промотивниот настан во Битола, првите луѓе на МЕПСО и Технички факултет-Битола потврдија дека се возобновува меѓусебната соработка почната во 2016 година.
-Продолжете со истиот ангажман и посветеност во студирањето. Вашата работа ние ја гледаме и ја вреднуваме и ќе ве поддржуваме затоа што вие, студентите сте иднината и вие ќе обезбедите економски раст и просперитет на нашата земја. Убеден сум дека оваа позитивна практика ќе охрабри и мотивира и други студенти и дека в година и во годините што ќе следат редовно ќе доделуваме и повеќе стипендии овде во Битола, истакна Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО.
Техничкиот факултет-Битола е во постојана соработка со бизнис секторот, а дел од студентите користат вредни стипендии од различни компании, посочи деканот на Битолскиот технички факултет Стојанче Нусев.
-Се надевам дека соработката со МЕПСО во иднина ќе продолжи не само во оваа насока, тука и ќе се продлабочи преку поддршка на научно истражувачката работа и апликативната дејност која веќе неколку децении се негува на Техничкиот факултет во Битола, рече Нусев.
Стипендисти на МЕПСО се студентките Билјана Велјановскa и Александра Киревска, и тие во текот на академската година ќе добиваат стипендија од 6.000 денари месечно.
МЕПСО во рамки на својата платформа за општествена одговорност и досега во рамки на можностите стипендира студенти на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
МЕПСО има вкупно 17 стипендисти на факултетите за електротехника во Скопје и во Битола, беше истакнато на денешниот промотивен настан во овој град.