Во Чешка работа бараат 585.809 лица, што претставува рекорд во поновата историја на земјата и е најголем број на невработени од 1989 година, јави дописникот на МИА од Прага.
Само во јануари месец за работа се пријавиле 40.498 заинтересирани и според податоците на повеќе аналитички компании стапката на невработеност е 10,1 проценти, додека во декември минатата година изнесуваше 9,4 проценти.
На чешка територија најголема невработеност била регистрирана за време на еконмската криза во 1933 година. Тогаш без работа биле 783.000 луѓе, а стапката на невработеност изнесувала над 21 проценти.
Според експертите, негативните резултатите на работниот пазар се должат на намалениот број работни места.
Во јануари фирмите нуделе 33.794 места што е за повеќе од 1.000 места помалку отколку претходниот месец, што покажува дека за едно работно место има 17,3 заинтересирани лица.