Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија годинава по 15-ти, јубилеен, пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата. Овој ден, востановен од УНЕСКО, секоја година се одбележува третиот четврток од месец ноември, и се слави низ целиот свет, со фокус на филозофијата и нејзините придобивки.
Како и секоја година, годинешното чествување на Светскиот ден на филозофијата ќе биде отворено со пригоден Мал концерт (трио гитари) на студенти од Факултетот за музичка уметност. По концертот ќе следува традиционалната Беседа за филозофијата, оваа година на проф. д-р Сузана Симоновска, професорка на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје, која ќе говори на тема „Различното поимање на времето и работата за мажите и жените“. По Беседата ќе следува промоцијата на најновиот број (бр. 22/23) од националното списание за филозофија „Филозофска трибина“, со носечки темат: „Слободата и современоста“. Промотор на бројот ќе биде проф. д-р Слободанка Марковска.
Централен настан на прославата ќе биде симпозиумот на тема „КУЛТУРА, ИСТОРИЈА, ПОЛИТИКА – ЏАНБАТИСТА ВИКО И КАРЛ МАРКС: 350 и 200 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО“ во којшто во две блок сесии – првата посветена на Вико, а втората на Маркс – ќе земат учество десетина реномирани филозофи, професори и истражувачи од Македонија (последователно): вонр. проф. д-р Јасмина Поповска, вонр. проф. д-р Марија Тодоровска, докторанд Слободан Марковиќ, д-р Бошко Караџов, доц. д-р Марија Гиревска, проф. д-р Мирко Ѓошевски, проф. д-р Денко Скаловски, проф. д-р Петре Георгиевски, Љубомир Гајдов и докторанд Данка Јовева.
Настанот ќе се одржи овој четврток (15-ти ноември) во Свечената сала на Филозофскиот факултет, со почеток во 10.00 часот, и е отворен за пошироката публика и за сите љубители на филозофијата коишто ќе можат да се вклучат во општата дискусија со излагачите со свои прашања и размислувања за отворените теми.