Британската премиерка Тереза Меј изјави синоќа дека преговорите за излез на нејзината земја од ЕУ, кои се водат меѓу Лондон и Брисел, се „исклучително тешки“, но оти „ сега се во финишот“.
-Тоа нема да биде договор по секоја цена, нагласи Меј, во обраќањето пред претставниците на власта на градот Лондон на годишниот прием на градоначалникот.
Меј потенцира дека двете страни работат „по цела ноќ“ со цел да постигнат напредок во преговорите и да дојдат до решение.
Двете страни настојуваат да постигнат договор за начинот на зачувување на „невидливата граница“ меѓу Северна Ирска, која е дел од Велика Британија, и Република Ирска, членка на ЕУ, што е главна пречка во преговорите за Брегзит.
Главниот преговарач на ЕУ Мишел Барние вчера изјави дека „уште не е пронајдено решение и оти се продолжува со интензивни напори во преговорите“.
Неименуван извор од британската Влада наведе дека разговорите треба да завршат до утре, за да може до крајот на месецот да се одржи самит за финалниот договор за истапувањето на Британија од европскиот блок.