Ренато Вугринец е еден од двајцата Словенци во екипата на Металург. Во пресрет на битката за второто место во групата Ц, Вугринец за Спортски Вести одговори на неколку прашања.
Во Крањска Гора ти си практично дома. Како ја доживуваш новата средба со прекрасниот зимски центар?
Навистина е убаво чувството кога ќе се вратиш во својата татковина, особено ако доаѓаш со еден голем клуб каков што е Металург. Крањска Гора е преубава, има многу снег – вистинска зимска идила.
Дали е сѐ во ред со екипата? Какви се условите за подготовки?
Екипата е во ред. Малку сме уморни од патувањето, но ќе го надминеме тоа. Поради Светското првенство долго време не бевме заедно и сега се трудиме да го фатиме ритамот од крајот на минатата година. Има доста играчи што веќе подолго време не одиграле силен натпревар.
Ти и Козлина, настапувајќи за ПЛ Цеље, му бевте лути ривали на нашиот следен противник, екипата на Горење. Остана ли кај тебе тој ривалитет во однос на „осите“ од Велење?
Како ракометар на Цеље учествував на многу дерби-натпревари против екипата на Горење. Се работи за врвна екипа, која секогаш се бори да победи. Салата прима околу 3.000 гледачи, нѐ чека суператмосфера. Мене лично, како поранешен ракометар на Цеље, нема да ме дочекаат пријателски. Ќе има сѐ и сешто, но јас сум навикнат на тоа.