Преговарачот на ЕУ за Брегзит Мишел Барние изјави денеска дека во преговорите за излегување на Британија од тој блок има уште „јазови кои треба да се премостат“ во момент кога истекува време за постигнување договор и негово усвојување.
-Мораме уште многу да направиме за да постигнеме договор, изјави Барние на маргините на конгресот на политичките партии од десниот центар во Хелсинки.
Подоцна, во обраќањето на лидерите на Европската народна партија, Барние предупреди на заканата од порастот на национализмот и популизмот за ЕУ пред изборите за состав на новиот ЕП во мај, а како пример го посочи Најџел Фараж, поранешен лидер на Партијата за независност на Британија.
Претседателот на ЕК Жан Клод Јункер рече, исто така во Хелсинки, дека британската премиерка Тереза Меј „е одлучна како и ЕУ да се постигне договор, и тој ќе се постигне“.
Во меѓувреме, во Париз британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант изјави дека преговорите за Брегзит се „во завршна фаза“ и оти е сигурен дека договорот ќе биде постигнат.
-Седум денови е веројатно краток рок, но јас сум оптимист дека договорот за Брегзит ќе биде постигнат, рече Хант, напоменувајќи дека преговорите се многу тешки.
Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март, но договор мора да се постигне во наредните недели, за да можат да го одобрат британскиот Парламент и ЕП.
Главната пречка во договорот е како може да се одржи лесен проток на стока преку границата меѓу Република Ирска, која е членка на ЕУ, и Северна Ирска, која е дел од Британија.
Европските лидери ја чекаат проценката на Барине за тоа дали има доволен напредок во преговорите за Брегзит за да се свика самит на ЕУ на кој ќе биде соопштено дали е постигнат договор.
Кружат гласини дека Барние проценката може да ја изнесе на крајот на ноември, но тој денеска не сакаше да каже дали и кога ќе се случи тоа.