Судењето против полицаецот Јаким Трифуновски, обвинет за убиството на Бесник Шехапи и Имран Мегди продолжи денеска во Основниот суд во Гостивар.
На денешното рочиште во доказната постапка беа изведени доказите на вештите лица, психијтари и психолози. Тие ги потврдија своите искази дека обвинетиот Трифуновски не боледувал и оти делото го сторил при покачена афектна состојба. За растојанието од кое било пукано, вештаците оставија на судот да оцени врз основа на изведените докази и искази на сведоците.
Во претходните рочишта обвинетиот во својата одбрана кажа дека пукал во двајцата сограѓани за да го заштити својот и животот на својата ќерка, откако бил нападнат зашто е полицеац. Верзијата на сведоците се базира на тоа дека Трифуновски по куса расправија пукал во покојните кога тие веќе биле раздвоени и се одалечувале.
Судскиот совет, следното рочиште со изведување на завршните зборови го закажа за 22. февруари во 13 часот.
Инаку, судскиот процес започна лани во септември. Имаше две одложувања заради обезбедување на безбедносни мерки и Трифуноски да биде спроведен од прилепскиот затвор во судот во Гостивар. Во доказната постапка беше направена и реконструкција на местото на настанот.
Убиството се случи на 28. февруари годинава на улицата „Кеј Вардар“ во Гостивар, кога Трифуноски, кој не бил на работа, со службениот пиштол ги застрелал Шеапи и Мегди.