Регулаторната комисија за енергетика денеска на подготвителна седница ги разгледува правилата за доделување прекугранични преносни капацитети помеѓу Република Македонија и Република Бугарија и помеѓу Република Македонија и Република Србија.
Претседателот на РКЕ Марко Бислимовски потенцира дека Македонскиот преносен систем оператор – МЕПСО и бугарскиот од минатата и оваа година ќе продолжат да прават заеднички аукции со цел да се намалат и трошоците, како и процедурите кај трговците со електрична енергија.
– Заеднички, појасни, го доделуваат вкупниот прекуграничен преносен капацитет. Истото, се случува и со српскиот преносен систем, каде се применува трета година, рече Бислимовски пред почетокот на седницата.
Тој потенцира дека на границата помеѓу Република Македонија и Република Грција прекуграничниот преносен капацитет се доделува во координираната канцеларија во Подгорица во која учествуваат покрај Македонија и Грција и БиХ, Хрватска, Албанија, Косово и Труција, целта е и Бугарија и Србија во наредниот период да влезат што значи за сите граници во регионот нема да има потреба трговците и снабдувачите со електрична енергија да одат на секоја граница посебно, туку во Подгорица ќе им се доделуваат на едно место прекуграничните преносни капацитети.
Денеска на подготвителната седница, како што информираше Бислимовски, ќе ги ги разгледуваме и правилата за набавка на загубите во преносната мрежа што ги изготви МЕПСО и кои во најголем дел се исти од изминатиот период, но единствен најважен критериум е најниската цена, односно она што ја интересира РКЕ, МЕПСО да склучи договори со трговците што ќе понудат најниска цена.
Тој информираше дека во извештај минатата недела Енергетската заедница ја прогласи Регулаторната комисија на Македонија за најдобро регулаторно тело во 2018 година.
– Во извештај објавен минатата недела во делот на регулаторни комисии на енергика, македонското регулаторно тело е на прво место со 72 проценти имплементација на предвиденото со Третиот енергетски пакет, информираше Бислимовски.