Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска одржа работна средба со заменик амбасадорот на Германија, Петар Шалер, амбасадорот на Италија, Карло Ромео, амбасадорот на Холандија, Волтер Пломп и амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј.
Целта на оваа средба беше да се продлабочи соработката со земјите на Европска Унија и да ги покажеме заложбите кон хармонизирање со стандардите на ЕУ земјите.
Министерот за здравство се заблагодари на досегашната соработка и поддршка од меѓународната заедница. На средбата се дискутираше за натамошната поддршка и соработка во здравствениот сектор во насока на зголемување на квалитетот на здравствени услуги на пациeнтите, подобрување на пристапот, како и можности за регионална соработка.
Најголем проблем со кој се соочува Република Македонија е одливот на медицински кадар во земјите од ЕУ. Од тие причини, со цел да ги задржиме нашите здравствени работници во земјата, се дискутираше за можностите за размена на здравствени работници од повеќе области и проекти за едукација од странски експерти во Македонија.
На средбата, амбасадорите и заменик амбасадорот ја елаборираа можноста за воведување странска експертиза во Македонија и подобрување на квалитетот на здравствена заштита и здравствени услуги. Во следниот период заеднички ќе се обидеме да воспоставиме соработка меѓу македонските здравствени установи и здравствени установи од земјите на ЕУ.